Вучиќ и Давкова на Св. Прохор… светецот кој ги заборави(л) Македонците
Пишува: Владимир Перев
1.
Дали времето ги лечи раните? Веројатно да, ама белезите, лузните остануваат за цел живот. Болката за изгубените материјални добра може да биде заборавена, безразлично дали материјалното е надоместено или не. Раните на душата никогаш не зацелуваат, секогаш се притаени, скротени, за во одреден миг, при даден импулс, одново да прокрварат.
2.
Навечерието на Илинден 1990 година. Македонците се подготвуваат да го чествуваат АСНОМ на манастирот Св. Прохор Пчински. Тито е одамна, веќе цели десет години починат, Југославија се распаѓа, почнува повеќепартискиот живот и ние македонците пресреќни уживаме во “зората на нашата слобода“. Голема група мои пријатели и сомисленици, се готви да оди на чествување на АСНОМ во Св. Прохор…Договорите ги правиме во кафеана, најчесто во центарот, во “Пелистер“. Во суштина, “Пелистер“ ни беше нешто како зборно место. Транспотот е организиран со автобуси, а некои ќе дојдат и со автомобили. Јас нема да можам да одам. Тие неколку ден бев работно ангажиран во с. Стење на Преспанското езеро, да правам документарен филм за поетот Хусто Хорхе Падрон. Сценарист беше Ивица Џепаровски, тогашен уредник на Културната програма на МТВ. Искрено речено, и да можев немаше да одам…мразам групни средби. Јас сум единственото дете на моите родители, сум живеел сам до своите 35 години и избегнувам колективни собирања, било да се партиски, специјално верски, не одам по свадби, избегавам панахиди и слични нешта…бугарите ме умреа со нивните панахиди! Само тоа знаат.
3.
Илинден 1990 година, село Стење на Преспа. 19:30 часот, време за Дневник на МТВ. Екипата завршила со снимањето, седиме во задимената селска крчма со неверојатно низок таван, пушиме и пиеме. Чекаме вести. Почнуваат со ударните вести – големото тепање на македонците на манастирот Прохор Пчински. Се редат снимки, фотографии, записи, видео и аудио, од мои пријатели крвнички тепани од српската полиција, напуштени од македонското раководство и оставени на милост и немилост на шешељевските насилници и бруталната српска полиција. Ужаснат ги гледам снимките и записите, ги гледам моите пријатели и просто не верувам во тоа што гледам. Во крчмата владее мир, никој ништо не говори. Гледам долга секвенца со видео запис на мојот пријател Коле Луловски, професор по математика, како ја крева кошулата и ги покажува раскрвавените рани од ударите со полициските пендреци. Пред Парламентот се собрани сите, нешто говори Љубчо Георгиевски, ама му го сечат тонот, за потоа да ја тргнат и сликата. Џепаровски мирно, онака филосовски како што само тој умее, ќе каже – ВМРО ќе ги добие изборите!
4.
По два дена се враќам во Скопје и седнувам во “Пелистер“. Страстите се веќе смирени, модрините од тепањето се лекуваат, но болките на душата, навредите стојат над нас како проклетство. Сликата станува јасна, барем за оние од моето опкружување. Да не ги заборавиме… на чествувањето, од моите познати и другари одат Михо Пановски, Коле Луловски, Лазо Лаки, Љубчо Георгиевски, Миле Мафо, Драги Каров, Злате од Битола, Димитар Црномаров и ред други.
5.
Српското насилничко сценарио е подготвувано во Белград, со активно учество на српските владици Пахомие, Амфилохије Радовиќ, Иринеј Буловиќ и ред други, со знаење на српскиот Патријарх. Прво се разигруваат четничките елементи на Војислав Шешељ и влегуваат во битка со македонските посетители. Ги удираат со тупаници, стапови и друг прирачен материјал. Тоа е воведот, потоа се вклучува српската полиција наоружана до заби. Тепат крвнички секој македонец кој им се наоѓа на патот. Ги тепаат онака, како што сме слушале и читале дека тепала српската кралска полиција. Од моите блиски, најмногу се тепани Коле Луловски, Драги Каров и Злате од Битола, кои завршуваат на интервенција во Градската болница во Скопје. Сепак, најмногу е тепан Димитар Црномаров…тој е тепан на местото каде е најден, потоа е одведен во полицискиот шатор и е тепан крвнички. Римејк на писанијата на Анри Пози. Сето тоа го снима македонската телевизија. Не знам дали денес е сочуван некој материјал од тој настан, но тогаш се говореше дека новинар(к)ите од МТВ знаеле што ќе се случи, биле предупредени, па се тргнале од местото…српската полиција не ги пипнала, а и шешељевците ги заобиколувале. Работата била претходно договорена.
6.
Во сето ова имало и трагикомични елементи. Наш пријател по потекло од Берово, Боро (презимето му го заборавив) вечен секретар во Музеите на Македонија, бил присутен на настанот. Најстар од сите, со мустаќи и негувана брадичка, на српските полицајци им заличил на Гане Тодоровски, па така и му се обратиле, го поздравиле и одминале…Боро куртулил. “Наш“ Гане за српската полиција бил “нивни“…
7.
Татко ми веруваше во Фатум…нешто судбинско, атавистичко и почитувано во исламскиот свет. Денес ние велиме карма, ама тоа е нешто сосема различно, барем во моите поимања. Така и јас, верувам во некаков фатум за нас македонците, аура која го опкружува манастирот Св. Прохор Пчински. Таа не е поволна за нас. Насилните настани од 1990 година се само логички след на она што се случувало на АСНОМ 1944 година и после него. АСНОМ 1944 година породи насилие на македонските простори. Со доаѓањето на власт на Лазо Колишевски, од АСНОМ се тргнати не само Методија Андонов-Ченто и Панко Брашнаров. Цела плејада на македонски интелектуалци, заглавија по затворите на ФНРЈ, некои и на Голи Оток, со растурени семејства и мрачна иднина: Бане Андреев-Ронката, Богоја Фотев, Венко Марковски, Владимир Полежина, Кемал Аголи, Кирил Петрушев, Петре Пирузе и ред други. Повеќето од оние другите, веројатно не биле во затвор, но биле тргнати на страна и цел живот го минале под полициски надзор.
8.
Речи си дваесетина години на македонците им беше забрането да чествуваат на Манастирот, па затоа, духовитите посткомунисти од типот на СДСМ и Бранко Црвенковски, го изградија меморијалот Пелинце, оригинал-фалсификат на манастирот. Таму се чествуваше, со игри и песни во пеколните августовски горештини, додека српските попови си ја пиеја ладната ракија во манастирскиот комплекс и тераа вицови на наша сметка. Таму, ние македонците живеевме во надреална, виртуелна состојба на духот, како од реалноста веќе да ни се смачило…веројатно е точно.
9.
Гордана Силјановска Давкова на Илинден ќе оди на Манастирот, да го чествува празникот и да се сретне со српскиот председател Александар Вучиќ. Ќе ги зацврстувале нашите меѓусебни добри, одлични односи. Тоа е точно, со нас никој друг не се дружи од цивилизираниот свет, па остануваме да се дружиме со епигоните на Путин, како Вучиќ, Орбан, а може да се сренеме и со оној од Северна Кореја, Ким Не Знам Кој по ред…Се плашам дека фатумот, негативната енергија која се шири од тоа место за нас македонците, лошо ќе влијае на нејзиното здравје и здравјето на нашата политика. На нејзино место, ако веќе треба да оди некаде на Илинден, нека појдат со Вучиќ на Ужице. Таму почнува Ужичката република, таа е иницијација и за нашата македонска република, местото е неутрално, а фашисти се само германците, па не треба да страхуваат и двајцата дека Софија ќе им се налути. Има легенди за херојства и борби, да се напојат со енергија која нам толку ни недостига.
10.
Манастирите и светите места се полни со смрт, маченички умирања, тешки размисли и порив за покајание. Тоа! Вучиќ и Давкова да се покајат за сите несреќи во кои учествувале нивните претходници, во кои тие самите учествуваат и во кои сигурно, во идно време ќе учествуваат. Да се покајат за несреќите на асномци, да се покајат за тепаните од српската полиција во 1990 година, да се покајат за несреќите кои им ги донесле на своите. Давкова никако да не прифати покајание пред српски или македонски свештеник. Тие се исти и гревовите им се исти. Нека се покае самата, во тишина, онака како што таа сака, по женски, со своите мисли…
Вучиќ нека прави како сака, нему не му треба покајание, србите се “божји народ“ и со Бога се на линк, директна врска.
11.
Некои од “актерите“ на Илинден 1990 си заминаа од овој свет со незалечени рани на душата, рани од понижувањата што ги доживеале. Живите понекогаш се сеќаваат за тоа време, некои велат дека било херојско. Нема ништо херојско да бидеш тепан од полицијата, во случајов српската, да бидеш изоставен од своето раководство и години на ред потоа, дури и по Референдумот за независност, некои политичари повторно да сакаат да си во иста држава со Белград…сме имале најдобри односи…како да не!
12.
Ние македонците имаме Стокхолмски синдром кога се работи за односите со Белград. Тој е “нашиот центар на насилието“, но и местото каде некои одат на прочистување од своите фантасморгични, измислени гревови. Се прашував и никогаш не разбрав, дали некој од семејството Петрушеви од Богданци бил на Св Прохор… на Илинден 1990 година. Ако некој бил таму, тоа е чист Стокхолмски синдром. Едниот Петрушев, Крсто бил тепан, но и тепал српски полицајци во дваесетите години од минатиот век, па избегал за Бугарија. Се вратил 1941 година. Другиот, Кирил Петрушев бил малтретиран од српската полиција, а неговиот син Бранд Петрушев е убиен од србите на сред Белград. Кирил Петрушев оди на АСНОМ, на Св. Прохор Пчински и е првиот повереник за внатрешни работи на НРМ, за да заврши како политички затвореник на Голи Оток. Преживува, ама само толку…живот во изолација.
13.
Раните на душата никогаш не зацелуваат. Останува горчливиот вкус за едно лажливо време, загубени идеали и бескрајни понижувања.
Имало некогаш спор меѓу Македонија и Србија чиј е Манастирот! Нека си го задржат србите, неговата темна аура не е за нас, не сѐ вклопува во нашите вредносни системи, не е за нашата демократија!

