НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МБП Д.МИТРЕВ: НА ПОПИСОТ ЌЕ СЕ ИЗЈАСНАМ КАКО ЕТНИЧКИ БУГАРИН, ГИ ПОВИКУВАМ И СИТЕ ЧЛЕНОВИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА МАКЕДОНСКО БУГАРСКО ПРИЈАТЕЛСТВО ДА ГО НАПРАВАТ ИСТОТО.
Добре Митрев е роден на 28.11.1963 г. во Кавадарци. Оженет е и е татко на две деца. На 14.11.2020 г. Добре Митрев беше избран за претседател на Здружението Македонско-Бугарско пријателство- Скопје. По тој повод нашиот портал го побара г-нoт Митрев за кратко интервју.
Трибуна: Г-не Митрев бевте избран за нов претседател на Здружението Македонско-бугарско пријателство Скопје (МБП-Скопје). Кои ќе бидат вашите први активности на чело на оваа невладина организација?
Д. Митрев: Прво треба да истакнам дека за мене е голема чест што ја добив довербата на членовите на здружението и би сакал да им се заблагодарам за истата. Пред мене е една многу сериозна задача, особено во овој период на сложени меѓудржавни односи на релацијата Скопје-Софија. Тоа се разбира го прифаќам како предизвик од кој нема да се откажам. На прво место како моја лична заложба во однос на Здружението ги ставам засилувањето на теренската работа, возобновувањето на мрежата од ограноци и секако блискиот контакт со членовите на Здружението и сите граѓани на Р. Македонија, кои сметаат дека меѓу Македонија и Бугарија треба да се изгради и одржува пријателство за пример на балканските простори. Ќе работиме за промоција на бугарските високообразовни институции. Ќе се трудиме со сите наши сили и средства да обезбедиме што поголеми квоти за сите македонски државјани кандидат-студенти, кои сакаат своето високо образование да го добијат во Р.Бугарија. За таа цел ќе соработуваме со сите надлежни институции тука и во Бугарија. Не на последно место ќе ги помагаме Бугарите од Македонија и сите останати македонски државјани со совети во врска со нивното образование во Бугарија, ќе посредуваме за сите кои имаат потреба од лекување во Бугарија, ќе градиме мрежа преку која бизнис-конекциите од двете страни на Осогово нема да бидат само тема во медиумите туку реалност. Се разбира ќе ги информираме и советуваме македонските државјани кои сакаат да добијат бугарско државјанство.
Трибуна: Г-не Митрев како претседател на МБП-Скопје во средината на јануари се поклонивте пред ликот и делото на големата револуционерка Мара Бунева. Дали ќе ве гледаме и на други такви настани поврзани со важни датуми и личности од историјата?
Д. Митрев: За мене претставува должност да оддадам почит не само кон Мара Бунева но и кон сите личности од нашата историја кои оставиле огромен белег во нашето минато. За разлика од општо-прифатените сфаќања и поделби, за улогата на многу историски личности, јас не правам такви поделби. За мене нема контроверзни личности. Сите тие кои се бореле под слоганот „През голгота за независима Македонија“ ја заслужуваат целата почит на македонската јавност и покрај тоа што голем дел од нив се оцрнети од нашата историографија по налог на Белград уште со воспоставувањето на поранешната држава СФРЈ. Работам и ќе работам, тие луѓе да го добијат местото што навистина го заслужуваат без оцрнување и стигматизација на нивните подвизи и секако на нивните почитувачи. Ќе ме видите и на гробот на Тодор Александров кај селото Сугарево, ќе ме видите и пред вечното почивалиште на полковникот Борис Дрангов.
Трибуна: Претстои попис на населението на Р Македонија. Како ќе се декларирате?
Д. Митрев: Ќе ги искористам благодетите на демократското уредување на нашето општество и фактот што веќе не е во сила оној фамозен закон за македонската национална чест од зората на создавањето на СР Македонија и како Бугарин од Македонија и смеам да кажам македонски патриот ќе се декларирам токму така, во графата за етничка припадност ќе наведам Бугарин. Тоа не ме прави помалку Македонец од останатите луѓе, бидејќи сум македонски државјанин и имам почит кон македонската државност, за разлика од некои други. Еве ви уште еден пример, да бев спортист, со гордост ќе го носев македонскиот репрезентативен дрес. Ги повикувам истото да го направат и сите членови на Здружението за македонско-бугарско пријателство, бидејќи само така ќе покажеме дека постоиме и покрај негативната кампања кон сѐ што е бугарско и поврзано со Бугарија која што се одвива веќе повеќе од 70 г., а во последно време е засилена на сличен начин како во доброто старо време кога нашата земја беше дел од СФРЈ. Нема од што да се плашиме, ние Бугарите треба да го кренеме својот глас, бидејќи ако веќе се повикуваме на храброста на историски личности како Тодор Александров, полковник Борис Дрангов, Мара Бунева и уште многу други, би требало и самите ние храбро и одлучно да ја истакнеме нашата етничка припадност.
Трибуна: Рековте дека на пописот ќе се изјасните како Бугарин од Македонија. Каков е вашиот рецепт за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија?
Д. Митрев: Рецептот за решавање на овој проблем е многу едноставен. Бугарија треба да ја прифати реалноста, а Македонија треба да го признае минатото. Треба да се најде храброст и јасно да се каже дека огромниот дел од македонските преродбеници и револуционери себеси се сметале за Бугари и за тоа има повеќе од доволно историски документи и докази. Не мислам дека признавањето за Глигор Прличев и неговата бугарска етничка самоопределба ќе ги направи помалку Македонци граѓаните што денеска се самоопределуваат како етнички Македонци. Истото важи и за Гоце Делчев. Неговата борба за автономна Македонија го прави темел на денешната македонска држава. Фактот што тој самиот се декларирал како Бугарин не ги обезвреднува неговата улога и неговото херојство. Признавањето на минатото е чисто наша работа. Треба конечно да излеземе од титовистичкиот наратив за нашата историја и да бидеме горди на подвигот на нашите историски личности. Бугарија нема да дојде и да ни ги реши проблемите. Затоа ги повикувам нашите државници да се однесуваат државнички.