| |

Радев: Бугарија има капацитет за производство на дронски и антидронски системи

Бугарскиот премиер Румен Радев разговараше за можностите за партнерство со компанијата „Axon“ во производството на високотехнолошки производи од областа на одбраната и безбедноста, пренесува БГНЕС.

На средбата во седиштето на бугарската Влада присуствуваше Нејтан Соутел, постар потпретседател за глобални трговски програми и партнерства во компанијата.

„Axon“ произведува високотехнолошка одбранбена опрема, меѓу која електрошокови средства, телесни камери, како и дронски и антидронски системи. Компанијата изразила интерес за проширување на своите производствени капацитети во соработка со бугарски компании.

Радев истакнал дека нестабилната глобална безбедносна средина и постојаниот развој на вештачката интелигенција и технологиите бараат највисоко ниво на подготвеност за новите предизвици, особено во областа на одбраната и националната безбедност.

Според премиерот, Бугарија располага со капацитет за производство на дронски и антидронски системи и активно бара можности за негово зголемување и натамошен развој преку примена на најсовремени високотехнолошки решенија.

Соутел посочил дека „Axon“ е компанија со долгогодишно присуство во Европа и дека во Бугарија гледа сигурен партнер кој нуди одлични можности за инвестирање.

На средбата било нагласено дека одбраната во моментов е клучен сектор за Европа. Способностите на бугарските претпријатија, како и одличното партнерство на земјата со Европската Унија и НАТО, биле посочени како водечки предуслови Бугарија да го искористи својот потенцијал и дополнително да ја развива одбранбената индустрија.



Слични Објави