Бугарија ќе добие уште два медицински хеликоптери до крајот на годината
До крајот на годинава Бугарија очекува да добие уште два медицински хеликоптери, а со дополнителната набавка на еден повеќе, следната година во земјата ќе пристигнат вкупно три нови летала за итна медицинска помош по воздух. Со тоа, вкупниот број хеликоптери за итни случаи ќе достигне седум. Ова го соопшти министерот за здравство на Бугарија, Силви Кирилов, при посетата на Универзитетската многупрофилна болница за активно лекување „Св. Екатерина“ во Софија, јавува БГНЕС.
Посетата беше дел од дводневната мисија на Европската комисија во Бугарија, предводена од Селин Гауер, генерален директор на Работната група за реформи и инвестиции при Генералниот секретаријат на ЕК. Целта беше разгледување на идните чекори за навремено спроведување на планираните реформи и инвестиции, по неодамна одобрената измена на Планот за опоравување и одржливост. До крајот на годинава се предвидува поднесување на второто и третото барање за исплата.
Во моментов функционираат хеликоптерските платформи во Софија и Сливен, додека во Пловдив е изградена, но се уште не е пуштена во употреба поради административни пречки. Дополнително, изградени ќе бидат уште три платформи – во близина на Трговиште, во Долна Митрополија и кај Монтана.
„Во моментов 12 екипи работат на медицинските хеликоптери. Се подготвуваат нови тимови за Трговиште, а во иднина ќе има екипи и за Пловдив, Долна Митрополија и Монтана“, рече министерот Кирилов. Тој додаде дека хеликоптерите засега немаат лебедки, а за ноќни мисии се набавени само два пара очила за ноќно гледање, при што останатите се уште се во постапка на испорака поради строгата регулатива.
Хеликоптерската платформа на покривот на болницата „Св. Екатерина“ беше отворена на почетокот на февруари 2024 година.
Вицепремиерот и министер за иновации и раст Томислав Дончев истакна дека Бугарија досега инвестирала 2,6 милијарди евра преку Планот за опоравување и одржливост, а до крајот на годинава се очекува тие средства најмалку да се удвојат и да достигнат над 5 милијарди евра исплатени средства.

