Македонија пред избор: Европа или „Српскиот свет“
Пишува: Илија Стојановски
Влегувањето во Европската Унија не е само геополитичка ориентација или дипломатски патоказ. Тоа е последната реална шанса Македонија да стане нормална, вистинска држава – а не шуплива структура, зад која старите шеми опстојуваат, се збогатуваат и се репродуцираат.
Ова е можност да се прекине со мрежите на влијание кои се влечат уште од времето на југословенскиот распад – мрежи во кои Белград, Москва и домашните играчи сè уште ги влечат конците. И не само оддалеку – нивните луѓе веќе се тука, на власт.
Христијан Мицкоски е типичен претставник на овој модел. Извештајот од 9 јули му дојде како нарачан – доволно „добар“ за да звучи охрабрувачки, и доволно неразјаснет за да не бара вистинска акција. Тоа му овозможува да продолжи по старо: да симулира реформи, да зборува за Европа, а да дејствува по старото сценарио – шеми, зависимости и лојалност кон Белград.
Вистината е дека Мицкоски не ја сака Македонија во ЕУ. Тој сака контрола. Сака системот да остане ист – слаб, подложен на манипулации и потчинет. Власта, за него и луѓето околу него, е инструмент за збогатување и за вовлекување на Македонија во проектот „Српски свет“.
И не, Вучиќ не е главниот архитект на овој проект – тој е само извршител. Центарот на замислата е во Будимпешта, а диригентот се вика Орбан. Таму е лабораторијата од каде се моделираат овие идеи.
ЕУ може да не биде спасител, туку надворешен коректив – рамка што ќе го заштити општеството кога власта го предава. А тоа се случува премногу често.
Затоа реформите кои доаѓаат со евроинтеграцијата не треба да ги гледаме како странски диктат. Тие се шанса за внатрешно оздравување. За изградба на институции кои функционираат, на судство кое не е алатка за пресметка, и на држава која им служи на граѓаните, а не на луѓето што стојат зад декорите.

