ВРАБОТЕНИ ВО СТРУМИЧКА ФИРМА БАРААТ ПРАВДА: БИЛЕ ОДЈАВЕНИ БЕЗ НИКАКВО ИЗВЕСТУВАЊЕ
Преку социјалните мрежи група вработени во Пулсе фитнес Струмица ги бараат своите права. Од објавата станува јасно дека поради настаната криза со коронавирусот тие прво биле повикани сами да си ги потпишат отказните решенија, но откако не го направиле тоа, без никакво известување биле одјавени во Агенцијата за вработување на 25 март оваа година.
„ПУЛСЕ ФИТНЕС – СТРУМИЦА
Со високи амбиции и погледи кон иднината почнавме да работиме цел тим во новоотворен фитнес центар во Струмица. Фитнесот се отвори на 25 јануари. Сопственик на фитнесот е и сопственик на Атлантис Агенцијата која ја има низ повеќе градови во државата. Во кризната состојбата со која сите сме добро запознаени и покрај сите мерки и препораки од владата, ние како вработени бевме злоупотребени. Кога се донесе првата одлука за затварање до 24 март, ние бевме затворени како и сите други кои беа погодени од ситуацијата. Уште пред 24 март, од директорот добивме известување дека треба да го прекине работниот однос, бидејки тоа било најдобро решение за сите нас. Ние сме тим од 15 луѓе и никој од нас не го потпиша отказното решение. Сакавме да ги почекаме мерките од владата. По изгласувањето на мерките од владата дека ќе бидат покриени трошоците, директорот завчера не извести дека мерките не се поволни и мора да потпишеме отказни решенија. Тоа била неговата последна одлука, односно ни даде две опции: да потпишеме отказно решение или да одиме на работа и да седиме таму(во време на вонредна состојба). Не потпишавме затоа што од владата апелираа да не се потпишуваат никакви спогодбени отказни решенија. После тоа почнаа уцени и на пола од вработените не ни беше исплатено тоа што ни беше изработено за месец Февруари и Март.
Ги контактиравме сите институции кои се надлежни во вакви ситуации. Денес во Агенција за Вработување видовме дека сме одјавени од 25.03 без никаков потпис од нас, без наша согласност и без да бидеме информирани. Со тоа ние сме со статус невработени и без здравствено осигурување во моменти кога тоа ни е најпотребно.
Апелиравме до сите институции и добивме одговор дека Директорот во ваква ситуација не смее да ни даде отказ без наш потпис бидејки имаме договор на неопределено време и дека како вработени ние имаме свои права и треба да се избориме за истите. Неговата поврзаност е голема со многу значајни јавни личности и со многу институции надлежни за вакви ситуации и затоа сакаме ова да излезе јавно и да апелираме до институциите да се превземат мерки и мерките да се применат за граѓани како што сме ние кои сме загрозени и злоупотребени од ситуацијата. Сакаме да се слушне нашиот глас.
Чувајте се, останете дома и борете се за вашите права!
#СПОДЕЛУВАЈТЕ
Министерство За Здравство На Р.М.
Pulse Fitness & SPA Венко Филипче
Министерство за труд и социјална политика “