Нуклеарната медицина во бугарската болница „Александровска“ со највисок квалитет на Балканот
Клиниката за нуклеарна медицина при Универзитетската болница „Александровска“ во Софија доби меѓународна акредитација за PET/CT дијагностика и сертификат Advanced Theranostics Center of Excellence – Level 2, соопшти раководителката на клиниката, доц. Валерија Хаџиска, јавува БГНЕС.
Според клиниката, таа е првиот и единствен центар во Бугарија и на Балканскиот Полуостров со сертификат EARL Theranostics Level 2.
EARL е иницијатива на Европската асоцијација за нуклеарна медицина (EANM), чија цел е воведување и одржување високи меѓународни стандарди во дијагностиката и терапијата.
Сертификатот Level 2 се доделува на центри со напредна експертиза, клиничко искуство, соодветна инфраструктура и мултидисциплинарен тим за сложени тераностички процедури. Меѓу нив е и радионуклидната терапија со ¹⁷⁷Lu кај пациенти со карцином на простата и невроендокрини тумори.
Акредитацијата овозможува и учество во меѓународни и мултицентрични клинички испитувања, научни проекти и партнерства со европски центри за нуклеарна медицина.
