„Гала во Софија“ почна со класика и техно пред храмот „Св. Александар Невски“
Стотици посетители присуствуваа на отворањето на годинешното издание на фестивалот „Гала во Софија“ на 23 август, организиран од бугарската оперска пејачка Сонја Јончева. Првата од трите вечери беше посветена на спојот на класичната и електронската музика, јавува БТА.
Францускиот диџеј и продуцент Чарлс Б, кој првпат настапи во Бугарија, приреди тричасовна програма пред храмот-споменик „Св. Александар Невски“. Неговиот концепт „Classical Meets Techno“ комбинираше дела од Вивалди, Моцарт, Бетовен и Карл Орф со хитови на Ријана, АББА, Адел, „Јуритмикс“, „Аква“ и други изведувачи.
Чарлс Б, чие вистинско име е Шарл Бербино, е роден во Париз во 1997 година. Неговите видеа и музички проекти во изминатите 12 месеци оствариле повеќе од 500 милиони прегледи на социјалните мрежи.
„Софија, Бугарија, прекрасни сте! Никогаш нема да ја заборавам оваа ноќ“, ѝ порача тој на публиката.
Фестивалот продолжува со операта „Тоска“ со Јонас Кауфман и Сонја Јончева на 25 август и со кросовер-концертот „Сина ноќ“ со Дејвид Гарет и Јончева на 27 август.

