Никола Цолов по тестот со болид од Формула 1: Сè уште не сум сфатил целосно што постигнав, но уживав во секој круг
Бугарскиот пилот Никола Цолов изјави дека сè уште не е целосно свесен за постигнатиот успех, откако на патеката „Имола“ го заврши својот прв тест со болид од Формула 1 и го исполни условот за добивање суперлиценца, јавува БГНЕС.
„Голема благодарност до VCARB и Ред Бул јуниорскиот тим што веруваа во мене и ми ја дадоа оваа можност. За ова работам цел живот и конечно го доживеав. Навистина е неверојатно“, изјави Цолов.
Бугарскиот пилот извозе вкупно 143 круга, а уште пред пладневната пауза ја надмина задолжителната дистанца од 300 километри.
„Денес првпат седнав зад воланот на болид од Формула 1 како дел од програмата ТРС и многу сум задоволен од тоа како помина сè. Уживав во секој круг и тешко ми е да најдам зборови со кои би опишал што значи оваа можност за мене“, рече тој.
Цолов изрази надеж дека наскоро повторно ќе добие можност да управува болид од Формула 1.
„Сè уште не сум сфатил целосно што постигнав, но уживав во секој круг. Се надевам дека наскоро ќе имам нова можност да се вратам во болидот“, додаде бугарскиот пилот.
