Поради големиот интерес, закажана втора претпремиера на „Под прикритие 6“ во Софија
Бугарската национална телевизија (БНТ) и „Falconwing Studio“ најавија втора претпремиерна проекција на првата епизода од шестата сезона на „Под прикритие“, откако билетите за првата беа распродадени за помалку од 48 часа. Дополнителната проекција ќе се одржи на 6 октомври во 20 часот, во Сала 1 на Националниот дворец на културата во Софија, соопштија организаторите.
Првата проекција е закажана за 5 октомври. Билетите за дополнителниот термин се продаваат на билетарниците на Националниот дворец на културата, кој е партнер во организацијата.
Десет години по последната епизода, серијата се враќа на БНТ 1 на 10 октомври во 22 часот. Со неа почнува програмскиот термин посветен на бугарската кинематографија во саботните вечери.
Новата сезона содржи 12 епизоди. Во своите улоги се враќаат Михаил Билалов, Захари Бахаров, Маријан Валев, Александар Сано, Кирил Ефремов, Владимир Пенев и Јоана Темелкова.
На актерската екипа ѝ се придружуваат Јулијан Вергов, Павел Иванов, Радина Карџилова, Веселин Калановски, Велина Георгиева и Климентина Фарцова.
Шестата сезона е копродукција на БНТ и „Falconwing Studio“. Режисер е Виктор Божинов, а сценариото го потпишуваат Вања Николова, Борислав Захариев, Слави Ангелов и Димитар Митовски, кој е и креативен продуцент.
Серијата „Под прикритие“ почна да се емитува во 2011 година. По пет сезони и прикажување во десетици земји, приказната продолжува со нови епизоди.
