КОИ СЕ НОВИТЕ МИНИСТЕРСКИ ИМИЊА КОИ ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД КАБИНЕТОТ НА ЗАЕВ?

Мандатарот Зоран Заев вчера го достави во парламентот списокот со кандидати за министри кој ќе треба да биде изгласан викендов.

Осум нови имиња се најдоа на списокот за предлог за нови министри.

За прв пат во владиниот кабинет како вицепремиер и министер за политички систем ќе биде назначен Артан Груби, Ирена Стефоска како министерка за култура, Јагода Шахпаска како министерка за труд и социјална политика, Благој Бочварски како министер за транспорт и врски, Бојан Маричиќ како министер за правда, Беса Аријанит Хоџа како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство , Фатмир Битиќи ќе биде вицепремиер за економија, Јетон Шаќири за министер за информатичко општество и администрација..

Најмладиот министер во новата влада е Јетон Шаќири кој има 33 години и е доктор по економски науки на Универзитетот во Тирана е професор на Меѓународниот универзитет во Струга.Шаќири е од редовите на ДУИ, а во ноиот мандат ќе раководи со министерството за информатичко општество и администрација.

Ирена Стефоска е професор во Институтот за национална историја при Универзитетот Свети Кирил и Методија во Скопје. Воедно Стефоска е граѓанска активистка, пратеничка и претседателка на Комисијата за култура во претходниот собраниски состав.

Артан Груби од ДУИ ќе биде прв вицепремиер. Тој е докторант на Универзитетот во Тирана, на факултетот за социјални и политички науки .Груби дипломирал новинарство на УКИМ, каде што и магистрирал, така што сега и предава на Факултетот по новинарство на Тетовскиот универзитет.

Бојан Маричиќ ќе биде министер за правда, освен дипломата од Правниот факултет на УКИМ, се запишани и две магистратури – во Лондон и во Амстердам. Неговата политичка верификација следува во 2017 кога во новата Влада беше назначен за посебен советник за евроатлански интеграции на премиерот Зоран Заев, по што активно се вклучува подоцна и во преговорите за постигнувањето на Преспанскиот договор.

Благој Бочварски кој е актуелен градоначалник на Штип ќе го предводи министерството за за транспорт и врски. Роден е на 9.1.1985 во Штип. Бочварски е дипломиран инженер архитект, Архитектонски факултет – Скопје.

Јагода Шахпаска ќе биде министерка за труд и социјална политика. Таа е родена на 18.3.1964 во с.Тепавци, Битола. Има завршено Медицински факултет – Скопје, специјалист по интерна медицина. Таа беше една од поактивните пратенички во Собранието, којa исто така беше доста активна и на телевизиските дебати со своите противкандидати од опозициската партија.

Беса Аријанит Хоџа од редовите на ДУИ ќе раководи со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој дипломирал на факултетот за бизнис и администрација Во Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Фатмир Битиќи во својата биографија има запишано дека веќе има зад себе министерски стаж од речиси една деценија, во четири влади (во кабинетот на Бучковски и во три влади на Никола Груевски) и во три ресори досега (како вицепремиер за европски прашања, и министер за одбрана и министер за економија). Битиќи во новата влада ќе биде вицепремиер за економија.

На истите позиции остануваат Венко Филипче како министер за здравство, Радмила Шекеринска во министерството за одбрана, Горан Милевски во министерството за локална самоуправа и Насер Нуредини и Крешник Бектеши како министри за животна средина и за економија. Оливер Спасовски кој беше технички премиер, се враќа онаму од каде што дојде на позицијата, како прв човек на Министерството за внатрешни работи, а Мила Царовска, која досега беше министерка за труд и социјална политика и вицепремиерка, сега ќе биде министерка за образование.

Ротацијата на позициите има меѓу Никола Димитров и Бујар Османи. Димитров ќе биде на чело на Секретаријатот за европски прашања, а Османи ќе биде министер за надворешни работи.

Според уставните и законските одредби, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Владината коалиција што ја сочинуваат СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.