Бугарија веќе го има единствениот радиотелескоп во Југоисточна Европа
Заврши монтажата на првиот професионален радиотелескоп во Бугарија, поставен на врвот Рожен. Станицата е дел од европскиот систем LOFAR и е единствена од ваков тип во Југоисточна Европа, јавува Актуално.
Радиотелескопот ќе се користи за истражување на сончевата активност, јоносферската динамика, пулсарите и други астрономски појави, соопшти директорот на Институтот за астрономија при Бугарската академија на науките, проф. Камен Козарев.
Станицата се состои од нискофреквентно и високофреквентно поле. Нискофреквентниот дел има 96 антени, додека високофреквентниот, кој работи во опсег од 110 до 250 мегахерци, има 96 единици со по 16 антени. Насочувањето кон различни делови од небото се врши електронски, без подвижни механички делови.
Следуваат сертификација и тестирање на станицата, а почетокот на научните истражувања е планиран за почетокот на следната година.

