|

Пендаровски на конференцијата „Украина – две години хероизам“: Оваа војна е најголемата закана за мирот и за европската безбедност

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Украина – две години хероизам“ организирана од Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија во соработка со невладината организација ЦИВИЛ – Центар за слобода, а која се одржа по повод 2 години од започнувањето на руската инвазија врз Украина.

„Минатата година, на овој ист ден, посакавме никогаш повеќе да не се собираме за да ги одбележуваме годините на борбата за слобода на Украина, туку да го прославиме ослободувањето од рускиот окупатор и хероизмот на украинскиот народ.

За жал, денес, бруталната агресија врз оваа наша пријателска држава од страна на режимот на Путин навлегува во третата година, а загубите во човечки животи, страдањата на милиони луѓе низ целата земја, девастирачките последици и разрушувањата не се намалуваат“, рече Пендаровски.

„За овие две години сме сведоци на сета нечовечност на еден режим отсечен од реалноста, кој како да е излезен од најтемните времиња на европската историја од минатиот век, во целосен расчекор со реалноста на 21 век. Таа персонална диктатура се обидува, не само да наметне ревизија на историјата, туку и да ги промени границите на Европа, во спротивност на сите меѓународно-правни договори коишто ги гарантираат мирот, стабилноста и безбедноста на континентот по крајот на Втората светска војна.

Истиот тој режим, којшто ги гази правдата и човечкото достоинство и во сопствената држава, кој секојдневно ги прогонува, затвора и убива своите опоненти, се обидува да наметне визија за светот во кој деспотите и слични на нив, ќе бидат во позиција да ја одредуваат судбината на сегашните и на идните генерации.

На патот на тие обиди, проследени со невидена бруталност, на првата линија на отпорот, веќе десетина години, стои херојскиот украински народ поднесувајќи огромна жртва и покажувајќи истрајност и постојана верба дека доброто може да го победи злото. Затоа, војната за слобода која Украина ја води денес е за праведна кауза, во името на сиот демократски и цивилизиран свет, кој мора да продолжи да помага сè до целосно ослободување на Украина, просто затоа што во таа борба, сите ние, немаме право на пораз.

Оваа војна е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чијшто исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи во годините што доаѓаат. Војна којашто ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат“, изјави Пендаровски.



Слични Објави