Над 39.000 Бугари се пријавиле да гласаат во странство на претседателските избори во Бугарија
Вкупно 39.193 електронски пријави за гласање во странство на претседателските избори на 25 октомври се поднесени и потврдени од бугарски државјани. Рокот за пријавување истече на полноќ, јавува БНР.
Од Турција се поднесени 13.190 пријави, од Велика Британија нешто повеќе од 5.800, од Германија 4.200, од САД 2.700, од Шпанија 2.200, од Холандија 1.200 и од Италија 1.000.
До 2 октомври раководителите на дипломатските и конзуларните претставништва треба да достават до Централната изборна комисија (ЦИК) образложени предлози за формирање избирачки места надвор од земјата, по што ќе се провери дали пријавените лица ги исполнуваат условите за гласање.
Еден ден подоцна, на 3 октомври, истекува рокот Комисијата да ги утврди локациите во државите во кои ќе има избирачки места за изборите, како и нивниот број на секоја локација.

