ЕК предлага квалификувано мнозинство за дел од одлуките во процесот на проширување
Европската комисија предлага поширока употреба на гласањето со квалификувано мнозинство за одредени меѓуодлуки во процесот на проширување на Европската Унија, вклучително и при отворањето на преговарачките кластери, јавува БГНЕС.
Предлогот беше претставен на технички брифинг на Европската комисија за политиката на проширување и подготовките на ЕУ за прием на нови членки.
Комисијата нагласи дека нема да ги намалува критериумите за членство и дека напредокот на земјите кандидати и натаму ќе зависи од исполнувањето на поставените услови.
„Не ги намалуваме стандардите и не отстапуваме од принципот заснован на заслуги“, изјавил претставник на Комисијата.
ЕК предлага користење на постојните т.н. „passerelle“ клаузули, кои овозможуваат одредени одлуки што сега бараат едногласност да се носат со квалификувано мнозинство. За активирање на самите клаузули, сепак, е потребна согласност од сите земји членки.
Комисијата не предлага сите фази од преговорите да преминат на мнозинско гласање, туку само одредени меѓуодлуки за кои тоа го дозволува правната рамка.
Паралелно, Брисел предлага постепена интеграција на кандидатите пред полноправното членство преку европски програми, агенции на ЕУ, делови од единствениот пазар и транспортни, енергетски и дигитални проекти.
ЕК предлага и посилни механизми за заштита по приемот на нови членки. Во случаи на сериозни прекршувања би можело привремено да се суспендира правото на глас на новопримената држава, а механизмот би можел да се применува до 15 години по членството.
Според Комисијата, Црна Гора е најнапреднатиот кандидат и има реална цел да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година. Албанија има цел да ги заврши до крајот на 2027 година, а Молдавија во првата половина на 2028 година.

