Румен Радев за нападнатите бродови во Црното Море: Апсолутно недозволив напад во бугарската исклучителна економска зона
Бугарија спроведува спасувачка операција на 70 милји источно од градот Бјала, во својата исклучителна економска зона, откако два трговски брода биле нападнати со дронови, а едниот потонал. Екипажот на потонатиот брод е исчезнат, додека од вториот се спасени 18 лица, од кои двајца се повредени, соопшти премиерот Румен Радев, пренесе Бугарската национална телевизија (БНТ).
Според Радев, нападите се случиле ноќеска околу 3 часот, а екипажите потврдиле употреба на поморски и воздушни дронови. Потонатиот брод пловел под знамето на Того, додека на вториот избувнал пожар.
Операцијата ја координира Поморскиот спасувачки центар во Варна. Бугарскиот ро-ро брод „Диоскурија“, кој се наоѓал во близина, се упатил кон местото на инцидентот откако неговиот екипаж ја забележал експлозијата на првиот брод.
Пронајдени се еден превртен чамец, три превртени сплава и елеци за спасување, но засега нема пронајдени членови на екипажот на потонатиот брод.
„Диоскурија“ помогнал во спасувањето на екипажот на вториот брод. Двајцата повредени, едниот со изгореници, а другиот со повреда на главата, биле преземени од брз пловен објект на бугарската воена морнарица и се превезуваат кон пристаништето во Варна. Медицински екипи од Воената болница во градот се подготвени да им укажат помош.
Останатите 16 членови на екипажот се превезуваат со граничен патролен чамец. Во екипажот има 11 турски и седум индиски државјани.
Радев, кој свикал претставници на повеќе министерства, го осуди нападот.
„Апсолутно недозволив напад во бугарската исклучителна економска зона. Крајно грубо прекршување на поморското право и воопшто на правилата на поморството“, изјави тој.
Премиерот предупреди дека продолжувањето на војната го зголемува ризикот од нејзино проширување и од глобален конфликт.
„Гледаме дека војната станува сè пожестока, веќе се прекршуваат сите правила на меѓународното право, се напаѓаат цивилни пловни објекти. Апсолутно недозволиво“, рече Радев, додавајќи дека ваквите напади ја отежнуваат пловидбата во Црното Море и ги зголемуваат трошоците за осигурување.
Според достапните информации што ги изнесе премиерот, вториот брод превезувал пченица и пловел кон југ. Потонатиот брод се движел кон север, а неговиот товар не е познат.
Надлежните служби проверуваат дали има излевања и загадување на животната средина. Радев порача дека нема да се дозволи бугарскиот брег да биде загрозен од бродови што неконтролирано пловат носени од морските струи.

