| |

Бугарија се подготвува за форум на UN Tourism во Долината на розите

Бугарија започна подготовки за домаќинство на форум на Светската туристичка организација при ОН (UN Tourism), посветен на културниот туризам и образованието, со поддршка од УНЕСКО. Министерот за туризам Илин Димитров предложи форумот да се одржи кон крајот на мај 2027 година во Долината на розите, јавува БТА.

„Нашите меѓународни гости ќе ја доживеат магијата на бербата на рози и ќе се запознаат со културното наследство што го чуваме со векови“, изјави Димитров.

Во програмата може да бидат вклучени посети на Музејот на розата во Казанлак, претставување на производството на бугарско розово масло, Казанлачката тракиска гробница и Долината на тракиските цареви.

Димитров учествува на Меѓурегионалниот туристички форум на високо ниво „Европа – Азија“ во Црна Гора, каде што разговараше со раководството на UN Tourism и со министрите за туризам на Црна Гора и Кипар.

Еден од акцентите е проширувањето на Асоцијацијата на високообразовни институции во Бугарија кои подготвуваат кадри за туризмот, со амбиција во неа да се вклучат и странски универзитети.

„Нашата цел е седиштето на меѓународна платформа за образование и подготовка на кадри во туризмот да биде во Бугарија. UN Tourism ја има глобалната мрежа и експертизата, а ние го имаме концептот и веќе ја градиме структурата врз која оваа идеја може да се развива“, рече министерот.

Бугарија работи и на забрзан механизам за реализација на инвестициски проекти во туризмот, со цел појасен и покоординиран административен процес за инвеститорите.



Слични Објави