Софискиот универзитет и американскиот „Остин Пи“ договорија размена на студенти и професори
Државниот универзитет „Остин Пи“ во Кларксвил, Тенеси, и Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ потпишаа меморандум за соработка што отвора можности за редовна размена на студенти и професори, соопшти Амбасадата на САД во Софија на својата фејсбук-страница.
Партнерството е насочено кон безбедносните политики, одржливиот развој и продлабочувањето на билатералната соработка меѓу САД и Бугарија.
Размената ќе ја координираат Институтот за национална безбедност и воени студии при Универзитетот „Остин Пи“ и Катедрата за политикологија на Софискиот универзитет.
„Програмата за партнерство меѓу Националната гарда на Тенеси и Бугарија гради блиски односи меѓу двете земји во областа на безбедноста“, изјави вршителот на должноста амбасадор на САД, Х. Мартин Мекдауел, наведен во објавата.
Според Амбасадата, новата спогодба им овозможува на следните генерации студенти и истражувачи да го продолжат и да го развиваат ова партнерство, зајакнувајќи ги академските врски меѓу двете земји.
