На 14 октомври 1962 г. во Индијанаполис починал Љубен Димитров-публицист и долгогодишен уредник на весникот „Македонска трибуна“
На 14 октомври 1962 година во Индијанаполис, САД, починал Љубен Димитров – публицист, општественик и долгогодишен уредник на весникот „Македонска трибуна“, печатен орган на Македонската патриотска организација (МПО).
Љубен Димитров е роден во 1903 година во Битола, тогаш во состав на Османлиската Империја. Негов татко бил Антон Димитров, директор на Битолската бугарска женска гимназија. По Балканската војна семејството се преселило во Бугарија. Димитров завршил гимназија во Стара Загора, а потоа дипломирал право на Софискиот универзитет. Во 1926 година бил избран за претседател на студентското друштво „Вардар“. Се занимавал со публицистика, бил уредник на литературното списание „Родина“ и објавувал патриотски поеми посветени на Македонија.
Во 1930 година бил поканет од Централниот комитет на Македонската патриотска организација – МПО, да стане главен уредник на весникот „Македонска трибуна“. По пристигнувањето во САД во 1931 година го наследил Асен Аврамов на уредничката функција. Учествувал и во издавањето на списанието „Македонија“, наменето за читателите од англиското говорно подрачје.
На страниците на „Македонска трибуна“ Димитров остро полемизирал со Македонскиот народен сојуз на Георги Пирински. Бил изразен приврзаник на михајловистичкото крило на ВМРО.
Во 1936 година се вратил во Бугарија за да се ожени со Милка Наумова, внука на Андреј Љапчев. Во тој период се сретнал со Јордан Чкатров и Асен Аврамов, а во затвор ги посетил членовите на Централниот комитет на ВМРО, Владимир Куртев и Георги Настев. Учествувал и на конференција на обновените Македонски братства, каде ја застапувал идејата за автономија на Македонија, која ја сметал за најсоодветна во тогашните меѓународни околности.
За време на Втората светска војна, покрај својата уредничка дејност, Љубен Димитров го советувал и американското раководство за националните прашања на Балканскиот Полуостров. Во повеќе писма се изјаснувал за создавање независна Македонија.
По завршувањето на војната и политичките промени што следувале, предводел повеќе делегации до Обединетите нации во Њујорк, Стејт департментот во Вашингтон, Белата куќа и до европски центри. На страниците на „Македонска трибуна“ биле следени настаните по комунистичкиот преврат во Бугарија, состојбите во Југославија и Граѓанската војна во Грција. Димитров останал лојален на Иван Михајлов, но истовремено настојувал неговото политичко дејствување да биде приспособено кон новите меѓународни реалности.
Љубен Димитров починал од рак на белите дробови на 14 октомври 1962 година во Индијанаполис. Неговата последна желба била да биде погребан во Торонто, поради големата македонска иселеничка заедница во градот. Погребан е на гробиштата „Сент Џејмс“ во Торонто.
Долги години бил член на Централниот комитет на МПО, а до крајот на животот останал уредник на „Македонска трибуна“. На неговиот погреб присуствувале бројни дејци, а зборови на благодарност и признание за неговата долгогодишна работа напишале Иван Михајлов, Асен Аврамов, Петар Ацев и Христо Низамов.
По неговата смрт, локално друштво на МПО во Торонто го добило неговото име, а 66-от конгрес на организацијата бил посветен на 25-годишнината од неговата смрт. Главен гостин на пригодната парада била неговата вдовица Милка.
Од бракот со Милка имал две деца – ќерката Славка (Глорија) и синот Антон.
Неговиот брат Александар Димитров бил организатор на Македонскиот младински сојуз во Бугарија, активист на МПО „Правда“ и сојузен организатор на МПО при Централниот комитет од 1938 година.
