|

Хрватска побара отстранување на роковите за завршување на преговорите на Црна Гора со ЕУ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ интервенирал во Брисел, по што од нацрт-заклучоците на Европскиот совет биле отстранети конкретните рокови за завршување на пристапните преговори на Црна Гора со Европската унија, објави хрватскиот портал Index.

Отстранет е текстот што предвидувал привремено затворање на сите преговарачки поглавја до крајот на 2026 година, како и формулацијата за финализирање на договорот за пристапување во најкус можен рок.

Пленковиќ ги запознал европските лидери со осумте барања на Загреб, чие исполнување Хрватска го поставува како услов за поддршка на завршувањето на преговорите. Шест од нив се однесуваат на Поглавјето 23 – „Правосудство и основни права“, а две на Поглавјето 31 – „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“.

Меѓу отворените прашања се статусот на хрватското малцинство, сопственоста врз школскиот брод „Јадран“, обесштетувањето на поранешните затвореници во логорот „Морин“, одговорноста за воени злосторства и граничните прашања, вклучително и спорот за Превлака.

Пленковиќ нагласил дека Хрватска има конструктивен и добронамерен пристап кон европската интеграција на Црна Гора, но очекува решавање на билатералните прашања кои со години остануваат отворени.

Отстранувањето на роковите од нацрт-заклучоците не значи официјално запирање на пристапните преговори, туку промена на предложената политичка поддршка за нивно завршување до крајот на годината.

Слични Објави