| |

Вартоломеј: Нема „руски свет“, има православен свет, а војната во Украина не е света

Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја осуди војната во Украина и упати остри критики кон рускиот патријарх Кирил, оценувајќи дека неговото дејствување му штети на православието. Во интервју на 24 Часа по повод посетата на Бугарија и претстојната 35-годишнина од неговиот избор, тој посочи дека Бугарската православна црква би можела да посредува за надминување на поделбите меѓу православните цркви.

„Нема ‘руски свет’, има православен свет, на кој сите му припаѓаме и за чие единство сме должни да се грижиме“, изјави Вартоломеј.

Тој го осуди оправдувањето на војната со верски аргументи, нагласувајќи дека во неа загинуваат илјадници млади Руси и Украинци.

„Голем грев пред Бога е оваа војна да се благословува како ‘света’. За нас таа е ѓаволска војна“, рече вселенскиот патријарх.

Вартоломеј ја бранеше одлуката на Вселенската патријаршија да ѝ додели автокефалност на црквата во Украина. Според него, украинските верници имале право на црковна независност од Москва, која, како што рече, „на дело се покажа како непријател на украинскиот народ, а не како брат во верата“.

Тој повика на обединување на украинските верници околу митрополитот Епифаниј, избран на Обединувачкиот собор во декември 2018 година.

Зборувајќи за поделбите во православието, Вартоломеј го обвини раководството на Руската православна црква за поткопување на Вселенската патријаршија. За патријархот Кирил рече дека „со тактиката што ја следи, многу му штети на православието во целина и на неговиот углед пред надворешниот свет“.

Според него, надминувањето на разногласијата бара покајание, искреност, молитва и свест за одговорноста кон сегашноста и иднината на православието.

Во тој контекст, тој ја истакна можната посредничка улога на Бугарската православна црква.

„Бугарската црква е сестринска помесна црква која има добри односи и со Руската црква и со Вселенската патријаршија и би можела да игра посредничка улога, помагајќи за единството на црквите“, изјави Вартоломеј.

Односите со бугарскиот патријарх Даниил ги опиша како искрени и братски. Тој откри дека Даниил, додека бил видински митрополит, му упатил критичко писмо, но дека подоцна, по нивната средба во Солун, ги надминале несогласувањата.

„Рече да го заборавиме тоа писмо, а јас одамна го бев заборавил. Ги поставивме темелите на едно искрено и чесно пријателство и соработка за доброто на нашите цркви и на целото православие“, рече тој.

Вартоломеј нагласи дека во Бугарија доаѓа по официјална покана на патријархот Даниил и Светиот синод. Осврнувајќи се на собирањето потписи против неговата посета, оцени дека нејзините противници се малцинство и изрази уверување дека нема да ја спречат.

Посетата е поврзана со чествувањето на свети Јован Рилски, за кого вселенскиот патријарх рече дека е почитуван во целиот православен свет.

Во интервјуто Вартоломеј ја поздрави и размената на културни вредности меѓу Бугарија и Грција. Тој повика на враќање на реликвиите, ракописите и црковните предмети кои, според него, биле пренесени во Бугарија од митрополии и манастири на Вселенската патријаршија во северна Грција.

Осврнувајќи се на предавањето на посмртните останки на цар Самуил, Вартоломеј изјави: „Грција правилно ги предаде посмртните останки на цар Самуил, бидејќи тие ви припаѓаат. Тој бил ваш владетел и управител“.

Според него, решавањето на ваквите прашања ги зајакнува билатералните односи и придонесува за мирот меѓу народите.

На 22 октомври се навршуваат 35 години од изборот на Вартоломеј за вселенски патријарх. Тој порача дека, и покрај поделбите, ќе продолжи да работи за единството и соработката меѓу православните цркви.

Вартоломеј е роден на 29 февруари 1940 година на островот Имврос, денешна Ѓокчеада во Турција. Во 1961 година со одличен успех го завршил Богословското училиште на островот Халки, а образованието го продолжил во Рим, каде што стекнал докторат по канонско право.

Истата година бил ракоположен за ѓакон, а осум години подоцна за свештеник. Во 1973 година бил избран за филаделфиски митрополит, а во 1990 година за халкидонски митрополит. На 22 октомври 1991 година едногласно бил избран за 270. архиепископ на Константинопол – Нов Рим и вселенски патријарх, а бил востоличен на 2 ноември истата година.

Целото интервју можете да го прочитате овде.

Слични Објави