| |

Бугарскиот институт INSAIT и Nvidia создадоа платформа што тестира колку добро вештачката интелигенција управува со роботи

Бугарскиот институт INSAIT при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и технолошката компанија Nvidia ја развија платформата LADDER, која ги оценува способностите на моделите на вештачка интелигенција да управуваат со роботи при извршување секојдневни задачи, јавува „24 Часа“, повикувајќи се на соопштение од бугарското Министерство за образование и наука.

Платформата овозможува споредување на водечките модели при задачи што бараат низа последователни дејства, како расчистување маса или подредување предмети. Првите резултати покажуваат дека и најмоќните системи сè уште имаат значителни тешкотии со сигурното управување со роботи.

При најсложените тестови, кои опфаќаат меѓу осум и десет последователни дејства, дури и најдобрите модели успешно ги завршуваат задачите во околу една третина од случаите.

Меѓу водечките модели во рангирањето се GPT-6 Astra, Claude Opus 5.5 и Gemini 4 Argon. Иако постигнуваат подобри резултати од другите, тие не успеваат да извршат значителен дел од задачите, наведува „24 Часа“.

Уште поголеми тешкотии покажуваат моделите развиени специјално за управување со роботи. Еден од водечките модели во оваа категорија успева да премести поединечен предмет, но речиси никогаш не завршува задачи што бараат пет или повеќе последователни дејства.

LADDER е насочена кон физичката вештачка интелигенција – област во која системите треба не само да обработуваат информации, туку и да дејствуваат во реалната средина. Преместувањето еден предмет е релативно лесно, но веројатноста за грешки значително расте кога роботот треба последователно да премести повеќе предмети.

Истражувањето укажува и на високите трошоци за користење на најмоќните модели. Кај некои од нив, просечниот трошок за една успешно извршена задача надминува шест долари, додека целосното оценување на еден модел преку речиси 2.000 обиди би чинело околу 8.000 долари.

Според објавата, Nvidia го препознала потенцијалот на разработката на INSAIT и се вклучила во нејзиниот развој. Роботиката и физичката вештачка интелигенција се меѓу стратешките приоритети на компанијата.

Платформата е јавно достапна и ќе се дополнува со резултати од нови модели. На ladderrobotics.ai се достапни рангирањето, видеоснимки од извршувањето на задачите и целосниот текст на научното истражување.

Слични Објави