| |

Бугарскиот патријарх Даниил отслужи литургија во храмот на Божјиот гроб заедно со ерусалимскиот патријарх Теофил III

Ерусалимскиот патријарх Теофил III и бугарскиот патријарх Даниил заедно отслужија света литургија за Крстовден (според Јулијанскиот календар) на Гробот Господов, соопштија од Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија (БПЦ-БП), пренесува БНТ.

На 27 септември, кога според Јулијанскиот календар се празнува Воздвижението на светиот Крст Господов, со свечената света литургија во храмот на Божјиот гроб чиноначалствуваа Теофил III и патријархот Даниил. На Крстовден е и кулминацијата на духовните свечености по повод првата мирна посета на софискиот митрополит на територијата на Ерусалимската патријаршија, потсетуваат од БПЦ-БП.

Ерусалимскиот патријарх Теофил му го врачи на патријархот Даниил највисокото одликување на древната Патријаршија – орденот „Крстот на Гробот Господов“, се наведува во соопштението.

Според традицијата во Ерусалим, пред почетокот на богослужбата беше извршена литија од зградата на Ерусалимската патријаршија до храмот „Воскресение Христово“. При влегувањето во храмот, Теофил III и Даниил се поклонија пред плочата на помазанието, а потоа и на Божјиот гроб.

Со нив сослужуваа митрополити од Ерусалимската патријаршија, како и неврокопскиот митрополит Серафим, мелнишкиот епископ Герасим – главен секретар на Светиот синод, архимандритот Теофил – игумен на Хаџидимовскиот манастир, и протоѓаконот Дејан Коруновски, кои се дел од бугарската црковна делегација за мирната посета. На богослужбата сослужуваа и десетици свештеници од Ерусалим, Бугарија, Грција и Романија, а десетици христијани се причестија, додаваат од БПЦ-БП.

По светата литургија беше извршена литија со Крстот Христов. Ерусалимскиот патријарх Теофил III над главата го носеше крстот во кој има честички од Крстот Христов. Литијата се движеше од храмот кон местото каде што царицата Елена го пронашла крстот, по што беше извршена литија околу Кувуклијата на Божјиот гроб. Крстот го носеа и бугарскиот патријарх Даниил, неврокопскиот митрополит Серафим, мелнишкиот епископ Герасим и митрополити на Ерусалимската патријаршија.

Поворката заврши во параклисот на Голгота. Настанот продолжи во приемниот салон на Ерусалимската патријаршија, каде што беа одржани и обраќања, посочуваат од БПЦ-БП.

„Воздвижението на Чесниот крст го открива парадоксот на христијанската вера: смирението станува слава, страдањето – победа, смртта – живот, а Гробот – извор на воскресение. Затоа и Црквата, воздигнувајќи го чесното дрво, го покажува не само орудието на страдањата, туку и знамението на Христовата победа и знакот на помирувањето меѓу небото и земјата“, рече во своето обраќање патријархот Теофил.

Од своја страна, патријархот Даниил потсети на вековните духовни врски меѓу Бугарската православна црква, бугарскиот народ и Ерусалимската патријаршија.

„Од времето на Османлиското Царство – меѓу шеснаесеттиот и осумнаесеттиот век, историчарите на Ерусалимската патријаршија сведочат за бугарски монаси кои живеат и работат во манастирите при Божјиот гроб „Свети Сава“ и „Свети Архангели“, како и за тоа дека кон крајот на шеснаесеттиот век, во една од ерусалимските цркви, Бугарите имаат свој параклис во кој светите божествени богослужби се извршувале на црковнословенски јазик“, рече тој.

Патријархот Даниил истакнува дека „Бугарската црква никогаш нема да ги заборави помошта и поддршката што светата Ерусалимска патријаршија и блаженоупокоениот ерусалимски патријарх Диодор ѝ ги укажаа на Бугарската патријаршија за време на Проширениот сеправославен собор во 1998 година, со цел надминување на политички инспирираниот раскол во неа“.

Слични Објави