БОГОЕВ: СО ДИГИТАЛИЗАЦИЈА И СИСТЕМСКИ ПРОМЕНИ ПРОТИВ КОРУПЦИЈА

//

Во рамки на проектот „Корупција? Не во мојата општина!”, Oпштина Карпош беше една од единиците на локланата самоуправа во која се даваше бесплатна правна помош на граѓаните, а тие се информираа како да препознаат и пријават корупција.

Проектот е спроведен од Коалицијата „Сите за правично судење”, со поддршка од Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ) и УСАИД. На завршната онлајн дискусија учествуваа претставници од граѓански организации, градоначалникот Стефан Богоев, како и координаторите на советничките групи, Филип Даскаловски од СДСМ и коалиција и Тони Јаревски од ВМРО– ДПМНЕ и коалиција.

Преку проектот, како што информира Општина Карпош, беа зајакнати и капацитетите на администрацијата за борба со корупција, а се подготви и План за интегритет на општината, кој треба да биде одобрен и од Советот на Општина Карпош.

– Довербата може да се зголемува само со системски промени. Затоа, Општина Карпош назначи и лице за интегритет, за заштита на укажувачи, кое е достапно и на нашата веб страна. Дополнително, ја унапредуваме дигитализацијата на јавните услуги, која значи и помало човечко влијание врз процесите, а со тоа и помал простор за корупција. Па така, преку мобилната апликација „мЗаедница” карпошани комуницираат директно со секторите, а ќе можат и да аплицираат за субвенции, да поднесуваат барања за еднократна парична поддршка и слично, истакна Богоев.

Фондацијата отворено општество посочи дека Општина Карпош стана една од омилените партнери на невладините организации поради ваквиот вид на отворена соработка, која непрекинато одржува континуитет и посветеност во отворањето и надминувањето на споменатите проблеми.



Според наодите од истражувањето на Коалицијата за првично судење, урбанизмот е една од трите најчести области за кои граѓаните барале правна помош. По спроведеното истражување, 30 проценти од жителите мислат дека градежната ескпанзија е најголем проблем, десет отсто невработеноста, а осум проценти мислат дека најголем проблем е безбедноста.

Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење” истакна дека ако се лоцираат можните извори и ризиците од корупцијата, тие се наоѓаат во преголемите ингеренции кои ги имаат надлежните државни институции, некои постојни системски закони, подзаконските акти, законот за урбанистичко планирање, за експропиријација, за зеленило кој не е мотивирачки за единиците на локалната самоуправа и Законот за финансирање на ЕЛС кој, каков што е, дури ги поттикнува градежните активности како општините би опстоиле.

Според панелистот Кирил Ристовски од „Флорозон” исклучително е важна можноста граѓаните да учествуваат во носење одлуки на локално ниво преку трите клучни права што ги имаат: Право да знам, право да одлучувам и право за правда, односно право да бидам заштитен.

Претходна статија

(ВИДЕО) ЗАПЛЕНЕТ КОКАИН ВО ТЕТОВСКО, ПРИВЕДЕН ДИЛЕР

Следна статија

ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19 ДОСЕГА ПРИМИЛЕ НАД 26 000 ГРАЃАНИ, РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА ВАКЦИНИРАЊЕ

Најново од Вести