| |

Бугарскиот европратеник Ивајло В’лчев: Ќе направиме сè што е можно случајот со Ива Михаилова да влезе во следниот извештај на ЕП

Во заклучоците од 25-та седница на Заедничкиот парламентарен комитет Европска Унија – Северна Македонија е вклучен текст за потребата од прекугранична соработка „кога станува збор за хуманитарни случаи“, изјави за БТА европратеникот Ивајло В’лчев, член на делегацијата на Европскиот парламент на седницата во Скопје.

Според В’лчев, иако случајот со Ива Михаилова не е конкретно наведен во заклучоците, ќе се настојува тој да биде вклучен во следниот извештај на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија.

„Би сакале случајот со Ива Михаилова да биде споменат, но во вакви документи се избегнуваат конкретизации и, бидејќи случајот е од оваа година, ќе направиме сè што можеме тој да влезе во следниот извештај на ЕП за напредокот на Република Северна Македонија“, рече В’лчев.

Тој за случајот зборувал и во делот од заседанието посветен на човековите права, а претходно во Кочани се сретнал со Михаилова.

Ива Михајлова има бугарско и македонско државјанство, а во Кочани против неа се води судска постапка за учество во сообраќајна несреќа во која загинало едно лице. Во несреќата повредена била и Михаилова. Таа има потреба од специфичен третман што не се применува во Северна Македонија, а судот не ѝ дозволува лекувањето да го спроведе во Бугарија.

Во врска со ставот дека во разговорите со Бугарија е потребна трета страна, В’лчев изјави дека очекувал таквата формулација да се појави во разговорите во Скопје, но дека европратениците не ја слушнале.

„Да бидеме реални, Република Северна Македонија има документи договорени со ЕУ. Нема прашања за кои некој би требало да посредува меѓу Бугарија, која е членка на ЕУ, и Северна Македонија. Секако дека има работи за кои треба да разговараме, но сигурно немаме потреба од посредување“, рече В’лчев.

Тој додаде дека, според неговата оценка, секој обид за „билатерализација“ го забавува европскиот пат на Северна Македонија.

В’лчев ја оцени средбата со претставниците на граѓанското општество како една од најинтересните во рамките на посетата. Тој најави дека размислува да организира форум во Брисел со невладини организации од земјите од Западен Балкан што се во процес на пристапување во ЕУ.

Европратеникот оцени дека корисни биле и разговорите со политичките партии во Северна Македонија. Како што наведе, сите партии изразиле подготвеност да работат за членство на земјата во ЕУ.

В’лчев посочи и дека известувачот за напредокот на Северна Македонија, Томас Вајц, на соговорниците им нагласил дека „да се усвојат потребните закони е едно, а да се види дека тие се применуваат е нешто сосема друго“.



Слични Објави