| |

Владата на Бугарија одобри нацрт-меморандум за инвестиција од 100 милиони евра во високотехнолошки парк во Доброславци

Владата на Бугарија одобри нацрт-меморандум за разбирање меѓу владата и „Старбејс Јуроп“ ЕООД за инвестиција од 100 милиони евра во високотехнолошки индустриски парк и центар за истражување и развој во областа на вселената и одбраната во Доброславци, соопшти владината прес-служба, пренесува БТА.

Проектот предвидува просторот на поранешната воена база и аеродромот Доброславци да се претвори во индустриски парк со интегриран високотехнолошки комплекс од национално и европско значење. Со одлуката се формира и меѓуресорска работна група за обезбедување институционална поддршка при неговата реализација.

Инвестицијата е насочена кон развој на вселенски технологии, технологии со двојна употреба, високотехнолошко производство, инженерска дејност и индустриски услуги со висока додадена вредност.

Се предвидува паркот да обезбеди услови за развој на производствени капацитети, технолошки компании и инфраструктура за научноистражувачка и развојна дејност. Проектот вклучува и изградба на придружна специјализирана инфраструктура за потребите на високотехнолошките индустрии од стратегиско значење.

„Конечно ќе почнеме со изградбата на она за што зборувам од 2020 година – национален центар за набљудување, координација и управување врз основа на податоци од вселената, за бугарската држава да може да раководи со важни процеси во различни општествено-економски сфери.“ Ова го изјави во август премиерот Румен Радев на аеродромот „Доброславци“, каде што е предвидена изградбата на „Високотехнолошки индустриски парк и центар за истражување и развој во областа на вселената и одбраната – Доброславци“.

Слични Објави