Марија Габриел зеде учество во дискусијата за сеопфатен „Пакет за поддршка на мирот“ наменет за Блискиот исток
Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел учествуваше на состанок организиран од ЕУ, Кралството Саудиска Арабија и Лигата на Арапските држави, во соработка со Јордан и Египет.
„На министерскиот состанок во ОН организиран од ЕУ, Кралството Саудиска Арабија и Лигата на арапските држави и во соработка со Јордан и Египет, разговаравме за подготовка на „Пакет во поддршка на мирот“. Целта е пакетот да се активира во моментот кога ќе се постигне мир во регионот на Блискиот Исток“, напиша Габриел на својот Фејсбук профил, пренесува БГНЕС.
„Го поздравувам создавањето на трите работни групи во рамките на Пакетот и активното вклучување на Израел и Палестина во процесот“, додава шефицата на бугарската дипломатија.
Работните групи на кои се повикува Марија Габриел се: Работна група за политика и безбедност; Економска и еколошка работна група; Работна група за човечка димензија.
„Во име на Бугарија го изразив интересот на нашата земјата да придонесе за иницијативата со приклучување кон работната група за економија и животна средина. Работната група ќе се фокусира на трговијата, инвестициите, иновациите, инфраструктурата, климатските промени и заштитата на животната средина.
Предложив да се разгледа можноста за создавање подгрупа за иновации како хоризонтална тема со придонес кон економските прашања и оние поврзани со животната средина“, додава вицепремиерката.
„Предлогот е работата на поединечните групи да се оценува и анализира на секои три месеци, со цел да се претстави „Пакетот за поддршка на мирот“ во септември 2024 година“, пишува Габриел.
БГНЕС потсетува дека Марија Габриел е во работна посета на Њујорк, каде што ќе учествува во генералната дебата на 78-та сесија на Генералното собрание на ОН и на останатите придружни настани.

