Над 40 држави учествуваат на XV Светски ромски конгрес во Софија
Во Софија од 29 до 31 октомври се одржува XV Светски ромски конгрес, со учество на претставници од над 40 држави, меѓународни институции, дипломатски мисии, граѓански организации и медиуми. Организатор е здружението „Обединети граѓански иницијативи – ОГИ Е РОМЕНГО“, јавува БНТ.
Конгресот е платформа за дијалог, претставување и институционална соработка за клучни прашања што ги засегаат ромските заедници во Европа и во светот.
Во спомен на жртвите на Холокаустот врз Ромите се одржа и поворка со ромски оркестар.
„Не сакаме привилегии, туку еднаквост и свет без дискриминација врз Ромите, мирен свет со рамноправност“, изјави Тома Младенов, претседател на здружението „Обединети граѓански иницијативи“.
Младенов посочи дека целта на мирната поворка е да им се оддаде почит на жртвите и да се испрати порака за достоинството и рамноправноста на ромскиот народ.
