| |

БАН го одбележа Денот на народните будители и ѝ го додели највисокото одликување на Евелина Славчева

Бугарската академија на науките (БАН) го одбележа Денот на народните будители – 1 ноември, со свечен собир на кој нејзината претседателка Евелина Славчева го доби највисокото одликување на Академијата, соопшти БАН.

На свеченоста во салата „Проф. Марин Дринов“, на Славчева ѝ беше доделен Почесниот знак „Марин Дринов“. Управниот одбор на БАН ѝ го додели признанието за значајниот придонес во електрохемијата и за нејзината работа за подигнување на угледот на Академијата и науката во Бугарија и во странство.

Собирот го отвори потпретседателот на БАН, проф. Емануел Мутафов, кој ја истакна улогата на научниците во зачувувањето на националната меморија и развојот на знаењето.

„Денес мисијата на будителството продолжува да живее тука, во Бугарската академија на науките, преку посветената работа на бугарските научници, кои ја градат нашата заедничка иднина, ја чуваат националната меморија и го развиваат знаењето“, рече Мутафов.

Во своето празнично обраќање, Славчева нагласи дека на 1 ноември Бугарија им оддава почит на личностите што со силата на зборот, знаењето, верата и личниот пример го зачувале бугарскиот дух низ вековите.

„Во најтешките времиња го бранеле правото на бугарскиот народ да има своја историја, јазик, култура и иднина“, рече таа, осврнувајќи се на народните будители како духовни водачи на нацијата.

На свеченоста беа одбележани и 170 години од раѓањето на Рајна Кнегиња, знаменоска на Априлското востание, акушерка и просветителка. За нејзиниот живот и дело академско обраќање одржа академик Јачко Иванов.

На собирот присуствуваше и бугарскиот министер за култура Евтим Милошев, кој им го честита празникот на научниците и им порача да ги чуваат националните идеали.

„Преку науката, просветата и културата да го зачуваме сопствениот идентитет“, рече Милошев.

Слични Објави