Американски воен авион P-8A Poseidon изврши нова мисија над бугарската економска зона во Црното Море
Американски военопоморски патролен авион Boeing P-8A Poseidon на 31 октомври изврши уште една мисија за набљудување над западниот дел на Црното Море, вклучително и во бугарската исклучива економска зона. Летот се одвиваше во услови на зголемена загриженост за безбедноста на трговската пловидба по серијата напади со дронови во регионот, јавува БГНЕС.
Авионот со регистрациски број 170269 дејствувал во меѓународниот воздушен простор над водите на бугарската економска зона, при што извршил неколку продолжени обиколувања источно од бугарското крајбрежје.
За разлика од други американски мисии во подрачјето, овој лет, според сè, не бил насочен првенствено кон радиоелектронско извидување (SIGINT) и пресретнување електронски сигнали. Неговата траекторија повеќе одговара на операција за поморско набљудување, чија цел е следење на бродскиот сообраќај, утврдување потенцијални закани и одржување ажурирана оперативна слика за состојбата во Црното Море.
Boeing P-8A Poseidon е развиен првенствено за борба против подморници, но располага и со широк спектар можности за набљудување цели на морската површина, поморско патролирање и откривање закани за трговската пловидба.
Летот е уште еден показател за засиленото присуство на американската авијација и НАТО над западниот дел на Црното Море.
Во последните денови во регионот се забележани неколку извидувачки мисии, вклучително и на американски авиони P-8A Poseidon и италијански авиони за воздушно рано предупредување и управување (CAEW). Иако извршуваат различни задачи, овие летала придонесуваат за следење на состојбата на море и за координацијата меѓу сојузниците.
