|

Чобанова: Влезот на Бугарија во еврозоната е важен и за земјата и за еврозоната

Пристапувањето на Бугарија во еврозоната е важен момент и за земјата и за самата еврозона, изјави раководителката на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, Јорданка Чобанова, на финансискиот форум The OMFIF Sofia Forum во резиденцијата „Бојана“, јавува БТА.

„Бугарија се приклучи кон еврозоната во време кога Европа одлучува како да го финансира својот раст и како да ги интегрира идните членки, а истовремено да ја заштити својата финансиска автономија. Тоа се одлуки во кои бугарските институции и финансискиот сектор веќе ефективно учествуваат“, рече Чобанова.

Таа оцени дека европската финансиска интеграција е прашање на конкурентност и економска безбедност, посочувајќи ги фрагментацијата на капиталните пазари, зависноста од платежната инфраструктура и недостигот од ризичен капитал.

Чобанова истакна дека Албанија, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија веќе се дел од географскиот опфат на СЕПА, што овозможува намалување на трошоците за прекугранични плаќања уште пред членството во ЕУ.

Според неа, банките обезбедуваат 75 отсто од корпоративното кредитирање во ЕУ, но европските компании имаат потреба и од подобар пристап до ризичен и сопственички капитал. Европската комисија во првиот квартал од 2027 година ќе предложи мерки за подобра интеграција на банкарскиот пазар, попропорционални барања и поедноставни правила.

Чобанова предупреди и дека зависноста од платежни системи и критични технолошки добавувачи надвор од ЕУ претставува стратешки ризик, поради што дигиталното евро, како што рече, има значење и за европскиот суверенитет во плаќањата.

Форумот е организиран од OMFIF под покровителство на Бугарската народна банка и во партнерство со Асоцијацијата на банките во Бугарија.

Слични Објави