| |

Почина Константин Тренчев, основач на првиот независен синдикат во Бугарија

По кратко боледување почина д-р Константин Тренчев, основач и почесен претседател на Конфедерацијата на трудот „Подкрепа“ во Бугарија. Веста ја соопшти синдикалната организација на својата официјална страница на Фејсбук, пренесува БГНЕС.

Тренчев беше една од значајните личности во бугарското синдикално движење и демократските промени по 1989 година. По професија лекар, тој во 1989 година го основа првиот независен синдикат во Бугарија – „Подкрепа“.

Поради својата опозициска активност против комунистичкиот режим бил уапсен и неколку месеци поминал како политички затвореник. По падот на режимот станал еден од основачите на Сојузот на демократските сили и учествувал во процесите на демократската транзиција во земјата.

Во текот на 26 години раководење со „Подкрепа“, Тренчев придонел организацијата да стане една од двете национално репрезентативни синдикални конфедерации во Бугарија. Бил и првиот Бугарин избран за потпретседател на Европската конфедерација на синдикати и на Меѓународната конфедерација на слободни синдикати.

Во 2015 година се повлекол од раководната функција и бил избран за почесен претседател на „Подкрепа“.

Од синдикатот истакнаа дека Тренчев ќе остане запаметен по својата борба за работничките права, слободата на синдикалното здружување и демократските вредности.

Последното испраќање ќе се одржи на 9 ноември, со почеток во 12 часот, во катедралниот храм „Света Недела“ во Софија.

Слични Објави