Претседателката на Бугарија Илијана Јотова ќе учествува на Парискиот форум за мир
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, денеска, 10 ноември, ќе престојува во Париз, каде што, на покана на францускиот претседател Емануел Макрон, ќе учествува на Парискиот форум за мир, јавува БГНЕС.
Деветтото издание на форумот, на кое ќе учествуваат повеќе од 350 државни и владини лидери, претставници на меѓународни организации, невладиниот сектор и бизнис-заедницата, ќе се одржи под мотото „Од суверенитет кон соработка“.
Целта на форумот е да се нагласи потребата од меѓународна соработка во решавањето на конфликтите, како и во справувањето со прашањата поврзани со развојот, климатските промени и високите технологии.
Еден од главните настани на Парискиот форум за мир ќе биде Самитот за децата, на кој бугарската претседателка ќе има обраќање. Целта на самитот е благосостојбата и заштитата на децата, во услови на бројни закани за мирот, да добијат централно место во глобалната развојна агенда.
Во своето обраќање Јотова ќе се осврне на генерацијата што расте со вештачката интелигенција, придобивките и ризиците од нејзината употреба во училиштата, како и на потребата од развивање критичко размислување кај децата.
Бугарската претседателка ќе претстави и позитивни примери од Бугарија за примената на вештачката интелигенција во наставниот процес и за нејзиното користење како поддршка за децата со посебни образовни потреби.
За време на посетата на Париз е предвидена средба на Јотова со генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Матијас Корман. Пристапувањето кон оваа организација е еден од главните приоритети на Бугарија, за кој постои широк политички консензус.
Јотова ќе разговара и со генералниот директор на УНЕСКО, Халед Ел-Енани. Годинава Бугарија одбележува 70 години од своето членство во организацијата.
Во рамките на посетата, бугарската претседателка ќе се сретне и со претставници на бизнис-заедницата од MEDEF International.
MEDEF е највлијателната организација на работодавачи во Франција, додека MEDEF International е нејзино специјализирано тело за меѓународна деловна соработка, со активности во повеќе од 120 држави.
