Бугарската државна агенција „Архиви“ доби на подарок востаничко знаме од Илинденско-Преображенското востание од 1903 година
Бугарската државна агенција „Архиви“ на 9 ноември 2026 година доби на подарок борбено знаме на четата од селото Загоричани, Костурско, која учествувала во Илинденско-Преображенското востание во летото 1903 година, јавуваат од институцијата.
Знамето го подарила Марија Атанасова, наследничка на учесници во револуционерните борби во Македонија и Одринско, која го чувала во изминатите децении.
Според информациите на бугарската агенција, знамето било сошиено кон крајот на XIX или почетокот на XX век од учителката Маслина Грнчарова. Го користела централната чета на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО) од селото Загоричани за време на борбите во востанието.
Првиот знаменосец загинал, но знамето било спасено од дедото на дарителката. На него има три дупки од куршуми.
По задушувањето на востанието, знамето било пренесено во Софија, каде што било поставено над посмртните останки на Гоце Делчев во Македонскиот културен дом.
За време на Втората светска војна, знамето било вратено во Загоричани, каде што, според бугарската агенција, било свечено пречекано од локалното бугарско население.
До неодамна се сметало дека знамето е исчезнато или дека било запалено во Загоричани по 1944 година.
Како што наведува агенцијата, благодарение на предците на Марија Атанасова, знамето било пренесено во Бугарија и зачувано и покрај репресиите врз дејците на ВМРО што започнале по 1944 година.
Подоцна Атанасова го пренела знамето надвор од Бугарија, каде што продолжила да го чува.
Со дарувањето, историското знаме од Загоричани преминува во сопственост на бугарската држава.
Знамето треба да биде донесено во зградата на Државната агенција „Архиви“, на улицата „Московска“ број 5 во Софија, на 10 ноември 2026 година, во 11 часот.
