| | |

Весникот „Македонска солза“ од 1919 година го означил почетокот на локалниот печат во Горна Џумаја

Почетокот на локалниот периодичен печат во Горна Џумаја, денешен Благоевград во Бугарија, датира од 1919 година, кога здружение на бегалци го основало весникот „Македонска солза“. Ова го истакна историчарката д-р Елена Александрова од Регионалниот историски музеј во Благоевград, при претставувањето на ноемврискиот број на списанието „ЛИК“, посветен на 180-годишнината од излегувањето на првиот бугарски весник „Бугарски орел“.

Според Александрова, значајна улога во развојот на печатот и културниот живот во градот имале бегалците од Егејска Македонија, претежно од Солунско, Серско и Кукушко, кои се населиле во Горна Џумаја по Балканските војни.

Првиот број на „Македонска солза“ имал политичка и социјална содржина. Во него биле опишани тешките услови во кои живееле бегалците и бил упатен повик до бугарската влада и надлежната комисија да им овозможат трајно населување во градот.

Во текот на 20-тите години на XX век започнало да излегува и списанието „Пирин“, кое објавувало текстови за географијата, историјата, традициите и животот на населението во регионот, како и народни песни, преданија и спомени.

Александрова посочи дека, иако локалниот периодичен печат се појавил подоцна, дописи од Горна Џумаја, Банско и Неврокоп биле објавувани во бугарските весници уште од средината на XIX век.

Во 1857 година во „Цариградски весник“ бил објавен допис за основањето училиштен фонд во Горна Џумаја, а по 1872 година информации од регионот се појавувале и во весниците „Новини“, „Век“ и „Право“, кои излегувале во Цариград.

Според историчарката, иако издавањето книги во регионот започнало подоцна, нивната дистрибуција веќе била развиена. Во училиштата се користеле учебници од печатницата на Христо Данов и изданија од книжарницата на Драган Манчов во Солун.

Важна улога во ширењето на книгите имале и учителот Арсениј Костенцев, кој предавал во Горна Џумаја од 1872 до 1878 година, и неговиот брат Михаил Костенцев, кој се занимавал со издавање и дистрибуција на книги.

Слични Објави