| |

Дијаспора, избори, Јотова…

Владимир Перев

1.  Македонскиот народ одамна излегува на избори. Тоа не биле секогаш парламентарни или национални, но од формирањето на Бугарската Екзархија, народот во Македонија секогаш бил ставен пред избор за својот сопствен пат. Така, грците, гркоманите и дел од власите ја избирале Патријаршијата како пазител на сопствените вредности, подоцна ним им се приклучуваат (ново)дојдените срби и србомани, додека македонските бугари, својот милениумски идентитет го официјализираат под духовното лоно на Екзархијата. Тоа бил нивниот личен, семеен и што е најважното, слободен (со некои исклучоци) избор во рамките на Отоманската империја. Ако Екзархијата го пазела и развивала духовниот живот на бугарскиот човек во Македонија и воопшто на територијата на Империјата, нешто подоцна формираната ТМОРО/ВМОРО е носителот на идејата за слобода и еднаквост во рамките на Отоманската држава, а барањето на автономија, највисок дострел (во тие мигови) на слободната мисла на македонските бугари. Така, Црквата и Организацијата дејствуваат во дијалектичко единство – Екзархијата го чува и негува духот и мислата на бугарскиот човек, а Организацијата или Комитетот се грижи за ослободувањето на тој дух и тело од ропските стеги. Без разлика на евидентните несогласувања околу методологијата на борбата за слобода, Екзархијата и ВМОРО дејствуваат како единствена целина. Најдобар пример за тоа е состојбата по разгромот на Илинденското востание. Низ опожарените и уништени села во востаничките региони на Македонија, онаму каде веќе нема чети на ВМОРО, настапуваат свештениците на Екзархијата со својата материјална помош на постраданото население. Тоа е светото дело на владиката Григориј Пелагониски и ред други свештеници, низ востанатата и опожарена македонска земја. 

2.  По завршувањето на Првата светска војна, бугарското племе е разделено. Екзархијата го губи своето влијание во Вардарска Македонија и по силата на победниците, на нејзино место доаѓа Српската Патријаршија, а во другите делови соодветните етноцркви. Тоа е крајот на заедничкиот духовен живот на македонските бугари и почетокот на новиот – политички живот, живот на политичките партии. По Втората светска војна, тоа се претвора во служење на животот на партиите на југословенските комунисти. 

Од 1918 година па натаму, двете југословенски држави, кралската и комунистичката, се среќаваат со својата дијаспора и емиграција. И двете држави ја имаат истата идеја и методологија – сите припадници на Југославија, да бидат вклучени во пропагирањето на југословенската идеја и целината на државата, без оглед на идеолошките разлики. И во двете држави се спроведува методологија на државни амнестии за оние кои се надвор од државата а сакаат да се вратат или да ги обноват контактите со своите блиски – сите се добредојдени, освен оние кои учествувале во кривични дела на разбојништва или убиства. Во двете југословенски држави не постоеше тезата за “оние кои никогаш нема да се вратат“, толку популарна во Источниот блок (…и НР Бугарија) – овде сите беа добредојдени. Во Титовата Југославија тие поминуваа низ процес на сослушувања пред органите на УДБ-а, перење на мозокот, ефективни закани кон нив и нивните блиски, за потоа, кога ќе се вратат назад во европските земји или Америка, да бидат доследни поддржувачи на режимот на титовиот комунизам, истиот оној од кој тие побегнале своевремено во емиграција. Социјалистичката република Македонија не беше исклучок, напротив! 

3.  Социјалистичката Бугарија имаше сосема друг пристап кон својата дијаспора, а модерната република, по 1990 година, долго време беше зафатена со решавање на проблемите внатре во државата. Да се задржиме на познатото; по влегувањето на Бугарија во ЕУ значителен број бугарски граѓани ја напуштија земјата, а скоро истовремено околу 180 илјади македонски граѓани се стекнаа со бугарско државјанство. Меѓутоа, последните неколку бугарски изборни циклуси, покажаа ралична визура за иднината меѓу оние кои се “во земјата“ со оние кои се надвор. Вториот тур на последните претседателски избори во Бугарија јасно ги посочи разликите во видувањата. Двојката Јотова-В’лчев доби чиста и јасна поддршка во вкупниот број на гласачи, но изборите вон Бугарија покажаа поинакви резултати. Двојката Андреј Ѓуров-Георги Кандев добија 60 413 гласа или 56,3% од вкупните гласови, додека Јотова-В’лчев добија 44 413 или 41,4% од вкупните гласови на дијаспората. Поинаку беше кај нас. Во Северна Македонија на избирачките места двојата Ѓуров-Кандев добија 205 гласа или 43,8%, а Јотова-В’лчев добија 241 глас или 51,4% од вкупниот број гласови. Без оглед на малата излезност, тоа е разлика од речи си осум проценти. На што се должи тоа?! 

4.  Прв пат во последните осумдесетина години, македонските бугари беа почестени со вниманието на еден бугарски државник. Претседателот Румен Радев и потпредеседателката Илијана Јотова, своевремено за време на нивниот мандат, организираа неколкукратни приеми на организациите на македонските бугари и разговори за проблемите со кои се среќаваат. Илијана Јотова, во тоа време потпретседател на Бугарија, учествуваше во отворањето на читалиште во Охрид и отворањето на бугарскиот клуб “Иван Михајлов“ во Битола. Тоа беше забележително присуство на бугарски великодојстојник на Македонија и јавно и јасно пројавен интерес и грижа за правата и судбината на македонските бугари. Формирањето и помошта на Бугарија за тие организации, како и за некои медии, јасно го покажа интересот на бугарската држава за македонските бугари, најпотиснатиот дел од бугарското општество од една страна, и лулката на себугарската преродбенска идеја, од друга страна. Истовремено, тоа беше и сигнал до властите во Скопје, дека интересите на бугарите во Македонија нема да бидат запоставени или заборавени. Процесот почнат со бугарското вето за РСМ во ЕУ, подоцна трансформирано како “француски предлог“, го доби својот логичен продолжеток. Времето ќе покаже на каде ќе се движат работите. 

5.  Нови предизвици стојат пред претседателката Јотова и нејзината екипа. Со неа Бугарија ќе треба да отвори нови пространства за соработка со оние кои заминале од државата, за да го покрие копнежот по нивните корени и семејното огниште…за никогаш да не се почуствуваат напуштени и заборавени. Идните контакти ќе треба да го доловат чувството на еднаквост на сите бугарски граѓани во заштита на нивните права, без ралика дали се во земјата или вон неа. Тоа најдобро како препорака можат да го соопштат македонските бугари, кои ја почуствуваа присутноста и ангажираноста на државата и нејзините лидери, во заштитата на своите права. 

Надежта на македонските бугари е дека светото дело на Екзархијата за единство на бугарското племе, бугарските раководители ќе ја приложат и материјализираат согласно новите, модерни времиња, за добробит на сите нас, насекаде низ светот. 

Резултатите на изборите треба да бидат само патоказот…

Слични Објави