| |

Бугарскиот диригент маестро Најден Тодоров ќе предава на Музичкиот универзитет во Виена

Три децении по почетокот на своето образование во австриската престолнина, бугарскиот диригент е поканет да го пренесе своето искуство на новата генерација музичари на универзитетот на кој и самиот студирал, јавува БГНЕС.

Оваа недела маестро Најден Тодоров ќе одржува часови по диригирање на Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена (mdw), една од најреномираните европски институции за високо музичко образование.

Поканата има особено значење во професионалната биографија на бугарскиот диригент. Токму во Виена, во 1993 година, започнува една од најважните етапи на неговото музичко образование. Таму студирал оркестарско диригирање кај легендарниот професор Карл Естерајхер и професорот Урош Лајовиц, хорско диригирање кај Гинтер Тојринг и оперско диригирање кај Конрад Лајтнер, соопштија од Софиската филхармонија.

Основан во 1817 година, Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена е меѓу најреномираните институции за уметничко образование во светот. Во неговите предавални се образувале музичари што ја промениле историјата на класичната музика – од Густав Малер до Клаудио Абадо, Зубин Мехта, Марис Јансонс и Кирил Петренко. Меѓу неговите познати поранешни студенти се и пијанистите Фридрих Гулда, Мицуко Учида и Рудолф Бухбиндер, како и виолинистката Патриција Копачинскаја.

Денес, повеќе од 30 години подоцна, Најден Тодоров се враќа во истата академска средина, веќе како меѓународно афирмиран диригент, за да го сподели со младите музичари искуството стекнато на концертните и оперските сцени низ светот. Маестрото ќе работи со студенти на додипломските и магистерските студии на универзитетот.

Наставната дејност е важен дел од професионалниот пат на Најден Тодоров. Во Софија тој е долгогодишен предавач на Нов бугарски универзитет, каде што во 2024 година ја одбранил и својата докторска дисертација. Одржува курсеви по музички менаџмент, управување со културни институции и музичка индустрија, а од 2001 година е диригент на галаконцертите на меѓународните мајсторски курсеви на Рајна Кабаиванска. Од мај 2026 година е и член на Одборот на доверители на универзитетот.

Во изминатите децении, Најден Тодоров изгради меѓународна кариера што го одведе на пет континенти и му овозможи соработка со некои од најзначајните музичари на нашето време. Работел со уметници како Марта Аргерич, Марија Жоао Пиреш, Максим Венгеров, Џошуа Бел, Пласидо Доминго и сер Брин Терфел.

Поканата од Виенскиот музички универзитет доаѓа непосредно по неговото учество на завршниот галаконцерт на меѓународниот оперски натпревар „Опералија“ во Шангај на 1 ноември, каде што втора година по ред му беше доверено диригирањето на оперскиот дел од завршниот настан.

Како уметнички директор на Софиската филхармонија, Најден Тодоров има клучна улога во меѓународниот развој на националниот оркестар. Носител е на францускиот Орден за уметност и книжевност и на романскиот Орден за културни заслуги, а двапати е избран за „Музичар на годината“ во Бугарија.

Слични Објави