Бугарија набавува уште пет системи IRIS-T SLM и 57 самоодни хаубици CAESAR
Бугарската влада одобри два проекта за модернизација на армијата со финансирање преку европскиот инструмент SAFE. Проектите предвидуваат набавка на уште пет противвоздушни ракетни системи IRIS-T SLM и 57 самоодни хаубици CAESAR, а за нивната реализација е потребно одобрување од парламентот, јавува Армимедија.
За системите IRIS-T SLM, владата му предложи на Народното собрание да го ратификува програмскиот договор меѓу министерствата за одбрана на Бугарија и Германија. Набавката ќе се спроведе заеднички со Германија, преку дополнување на договорот со германската компанија „Diehl Defence“, со цел зајакнување на заштитата на воздушниот простор.
Вториот проект опфаќа набавка на 57 самоодни хаубици CAESAR со калибар од 155 милиметри, муниција и помошна опрема за копнените сили. Владата побара од парламентот да го одобри инвестицискиот трошок и го овласти министерот за одбрана да преговара и да потпише нарачки за заедничка набавка со францускиот министер за одбрана.
Новата артилериска опрема е наменета за огнена поддршка на маневарските единици, борба против противничката артилерија и дејствување врз противничките резерви.
