Во Благоевград беше отворена „Панорама на универзитетите – 2026“ со 24 високообразовни установи и организации
Претставници на 24 високообразовни установи и организации учествуваат на „Панорама на универзитетите – 2026“, која беше отворена во салата „Орфеј“ во паркот „Македонија“ во Благоевград, Бугарија, јавува Пиринско. На форумот младите можат да се запознаат со можностите за студирање, професионален развој и почеток на кариерата.
Настанот привлече голем интерес кај учениците и младите од Благоевград и регионот. Уште од почетокот, салата се исполни со посетители кои се интересираа за студиските програми, условите за пријавување и можностите што ги нудат бугарските универзитети.
Меѓу учесниците се Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“, Американскиот универзитет во Бугарија, Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, Нов бугарски универзитет, Универзитетот за национално и светско стопанство и Националната спортска академија „Васил Левски“.
Специјална гостинка е олимписката шампионка во бокс од Токио 2020, Стојка Крстева. Како предавач и претставничка на Националната спортска академија „Васил Левски“, таа ги претставува можностите за студирање и развој на спортска кариера.
Младите имаат можност непосредно да разговараат со претставниците на универзитетите, да добијат информации за студиските програми што ги интересираат и одговори на прашањата поврзани со нивното натамошно образование и професионален развој.
На официјалното отворање присуствуваа претседателката на Советот на Општина Благоевград, Антоанета Богданова, и заменик-претседателката Вања Кромбоа.
Иницијативата ја организираат Општина Благоевград и Центарот за личен и креативен развој на децата во Благоевград, во соработка со „Кариерно ориентирање“ и Општинскиот младински парламент.
