| |

Бугарија, Романија и Турција планираат поморска група за заштита од дронови во Црното Море

Бугарија, Романија и Турција работат на формирање ударна поморска група за справување со заканите од беспилотни апарати во Црното Море, јавува Армимедија. Основа за нејзиното формирање ќе биде постојната противминска група на трите земји, соопшти бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов пред парламентарната комисија за одбрана на бугарскиот парламент.

Во декември министрите за одбрана ќе се сретнат во Романија, а началниците на генералштабовите во Турција, за да ги усогласат ставовите за структурата и задачите на новата група. Според Стојанов, за одделни прашања сè уште има разлики. Предвидено е првиот штаб на групата да биде во Турција.

Соработката ќе се одвива во согласност со Конвенцијата од Монтре, без учество на воени бродови од земји надвор од црноморскиот регион.

Одделно од оваа иницијатива, Бугарија разговара со САД за софтверско одобрување што ќе им овозможи на бугарските ловци Ф-16 да користат ракети од 70 милиметри. Според Стојанов, целта е да се обезбеди поевтино средство за пресретнување дронови.

Слични Објави