Проф. д-р Христо Пимпирев: Бугарија прави чекор кон зајакнување на своето присуство во европската наука за океаните и поларните региони
Со потпишувањето на Конвенцијата за основање на Меѓународниот центар „Меркатор“ за океанот, Бугарија прави важен чекор кон поголемо учество во европските истражувања на океаните и поларните региони, оцени проф. Христо Пимпирев, директор на Бугарскиот антарктички институт.
Бугарскиот министер за образование и наука, проф. Георги Велчев, ја потпиша конвенцијата на отворањето на поларната конференција во Ахелој, во присуство на Пимпирев и на генералниот директор на „Меркатор оушн интернешнл“, Пјер Бајурел, пренесе БТА.
„Во последните пет до десет години почнавме да спроведуваме подлабоки океанографски истражувања. Токму затоа е важно потпишувањето на овој договор со „Меркатор““, рече Пимпирев пред церемонијата.
„Меркатор оушн интернешнл“, со седиште во Тулуз, Франција, развива дигитални модели и прогнози за состојбата на океаните и регионалните мориња, меѓу кои и Црното Море. Прогнозите треба да овозможат побезбедна пловидба во поларните води и подобро планирање на експедициите.
На конференцијата учествуваат истражувачи од Грција, Турција и Романија, како и од Метеоролошкиот институт во Абу Даби. Според Пимпирев, учеството на научници од Обединетите Арапски Емирати кои работат во бугарската антарктичка база и на бугарскиот истражувачки брод покажува дека соработката се протега и надвор од Балканот.
