Библиотеки, училишта и читалишта во Бугарија го одбележуваат Денот на читањето
Десетици библиотеки, училишта и читалишта низ Бугарија учествуваат во четвртото издание на кампањата „Национален ден на читањето“. Иницијативата трае до 12 декември и досега обединила повеќе од 240.000 учесници.
Кампањата започнала во Бугарија пред четири години по примерот на Германија, како одговор на падот на резултатите на бугарските ученици во меѓународното истражување ПИСА.
Годинава во фокусот е предизвикот „15.15“ – по 15 минути читање дневно во текот на 15 дена.
„Читањето е потреба и задоволство“, истакна Сиана Колибарова од здружението „Книги и читање“ за Бугарското национално радио (БНР).
„Читањето е основа на граѓанското општество, на функционалната писменост и, воопшто, на нашето разбирање на светот“, рече таа во интервју за емисијата „Пред сите“.
Колибарова потсети на резултатите од последното истражување ПИСА, според кои 58 отсто од петнаесетгодишниците во Бугарија не го достигнуваат основното ниво на читачка писменост. Тие имаат тешкотии да ги разберат, протолкуваат и искористат информациите што ги читаат. Од овие вештини зависат нивниот успех во училиштето, нивната иднина и способноста за критичко размислување, нагласи таа.
„Покренавме национален пакт за читање. Тој обединува компании, организации и државни институции кои веруваат дека читањето е стратешки ресурс за развојот на Бугарија. Треба да изградиме инфраструктура за читање – долгорочна рамка со која читањето ќе добие централно место во политиките за образование, култура и економија, а и пошироко, во политиките за развој на човечкиот капитал. За тоа е потребен цел систем од институции, ресурси и политики што ќе го поддржат развојот на писменоста уште од најраното детство“, рече Колибарова.
Според неа, треба да се обезбеди пристап до нови и актуелни наслови. Особено е важно читателите да откриваат нови автори и книжевни гласови и да имаат можност лично да се сретнат со писателите.
Денот на читањето се одбележува секоја година во третиот петок од ноември. Колибарова најави дека активностите ќе продолжат и појасни дека кампањата е дел од Денот на европските автори. „Славиме заедно со читателите од цела Европа“, рече таа и додаде дека интересот за иницијативата е многу голем.
„Се надеваме дека интересот ќе продолжи да расте. Неопходни ни се иницијативи што нè обединуваат, а има ли подобра иницијатива од поттикнувањето на читањето?“, рече Колибарова.
Според неа, книгите не треба да се натпреваруваат со екраните. Таа смета дека треба да се најдат начини читањето да стане дел од секојдневието на децата до таа мера што тие нема да можат да си замислат ден без читање.
