Почина митрополитoт на БПЦ Гавриил Ловчански
Ловчанскиот митрополит Гавриил почина утрово, на 22 ноември 2026 година, на 76-годишна возраст, соопшти Ловчанската епархија на Бугарската православна црква. На чело на епархијата беше од 2001 година.
„Со длабока тага соопштуваме дека утрово, на 22 ноември 2026 година, се упокои во Господа Неговото Високопреосвештенство, ловчанскиот митрополит Гавриил. Бог да го прости и да го упокои во Царството небесно“, се вели во соопштението на епархијата.
На 4 ноември митрополитот беше примен на лекување во Военомедицинската академија во Софија поради акутен панкреатит. Подоцна неговата здравствена состојба се влоши и беше ставен во вештачка кома, пренесе БГНЕС.
Гавриил беше избран за ловчански митрополит на 21 јануари 2001 година, а неговиот избор беше канонски потврден на 28 јануари истата година. Во 2007 година застана на чело на работната група за верско образование при Светиот синод. Од 2009 година раководеше со Врховниот црковен совет, а во 2011 година го презеде и раководењето со Културно-просветниот оддел на Синодот.
Роден е на 16 јули 1950 година во Софија, со световно име Цветан Методиев Динев. Од 1953 до 1966 година живеел со семејството во Чехословачка. По враќањето во Бугарија, во 1973 година дипломирал на Високиот институт за архитектура и градежништво.
За време на студиите го запознал левкискиот епископ Партениј, кој станал негов духовен учител и исповедник. Во 1973 година се населил во Клисурскиот манастир „Света Петка“ кај Банкја, каде што ѝ го посветил животот на православната вера.
На 27 декември 1979 година примил монашки постриг и го добил името Гавриил. Во 1980 година бил ракоположен за јероѓакон, а потоа и за јеромонах. Истата година бил назначен за игумен на Клисурскиот манастир.
Во 1984 година вонредно ја завршил Софиската духовна семинарија, а потоа специјализирал богословие на Московската духовна академија. Во 1986 година ја одбранил докторската дисертација „Карактеристични обележја на подвигот на руските подвижници на благочестието во XIX век“. Истата година добил чин архимандрит.
Од септември 1986 година до 1991 година бил старешина на Бугарското црковно подворје во Москва. Таму работел на обновата на црковниот комплекс, на изградбата на нова зграда и параклис, како и на реставрацијата на иконите во храмот.
По враќањето во Бугарија во 1991 година бил назначен за протосингел на Софиската митрополија. Во 1994 година повторно станал игумен на Клисурскиот манастир „Света Петка“. За време на црковниот раскол се залагал за зачувување на единството на Бугарската православна црква. На 19 октомври 1998 година во Рилскиот манастир бил ракоположен за макариополски епископ и станал викар на софискиот митрополит.
На 26 март 2015 година бил прогласен за почесен граѓанин на Ловеч за личниот придонес во духовниот живот и развојот на градот.
