| |

Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов и американскиот амбасадор во НАТО Метју Витакер разговараа за зајакнување на одбраната на источното крило на Алијансата

Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов и постојаниот претставник на САД во НАТО, амбасадорот Метју Витакер, разговараа за зајакнување на одбраната на источното крило на Алијансата, соопшти Министерството за одбрана на Бугарија. Витакер е во посета на Бугарија на покана на Стојанов, пренесува БТА.

Посетата доаѓа во многу важен момент, кога предизвиците на источното крило на НАТО растат од ден на ден, рече Стојанов. Тој додаде дека променливата и сложена безбедносна состојба во Црното Море бара поблиска соработка меѓу сојузниците и дополнителни мерки за гарантирање на безбедноста во регионот.

Стојанов и Витакер разговараа за дополнителна поддршка од Алијансата за справување со растечките предизвици.

Бугарскиот министер им се заблагодари на сојузниците од НАТО за брзиот одговор на барањето на Бугарија за помош и за испраќањето на патролниот авион P-8 Poseidon.

„Искрено ја цениме помошта од НАТО и од САД, кои многу брзо одговорија на нашето барање“, рече Стојанов, како што се наведува во соопштението. Тој додаде дека Бугарија е подготвена да реагира во различни ситуации во Црното Море, вклучително и да се спротивстави на беспилотни системи.

„Истовремено, потребно е што поскоро да набавиме системи за воздушно извидување, кои се клучни за откривање и следење на морските дронови. Вложуваме напори брзо да набавиме такви системи и да почнеме да ги користиме“, рече Стојанов.

Витакер го посочи Црното Море како јасен пример за сè поголемите закани со кои се соочуваат сојузниците. Според него, последиците од војната во Украина веќе се чувствуваат далеку од зоната на борбените дејства и се протегаат длабоко во Црното Море.

Двајцата разговараа и за напредокот на проектите за набавка на борбените авиони F-16, борбените возила „Страјкер“ и противбродските ракети NSM. Стојанов нагласи дека за Бугарија е особено важно да се забрза испораката на новата опрема за вооружените сили во најкус можен рок да ги добијат потребните одбранбени капацитети.

„Очекувам во 2027 година Бугарија да потпише уште две спогодби со САД – едната за вооружување на борбените авиони F-16 Block 70, а другата за резервни делови потребни за нивното одржување“, рече Стојанов.

Витакер ја поздрави обврската што ја презеде Бугарија до 2035 година да ги зголеми трошоците за одбрана на 5 отсто од бруто-домашниот производ. Зборувајќи за концептот „НАТО 3.0“, тој рече дека САД не се повлекуваат од НАТО и дека очекуваат европските сојузници да преземат поголема одговорност за заедничката безбедност. Според него, целта е порамномерно да се распределат обврските меѓу земјите членки и да се зајакне одбранбениот потенцијал на Алијансата.

Минатата недела Стојанов и австриската амбасадорка во Бугарија, Андреа Икиќ-Бем, разговараа за безбедносната состојба во Црното Море, напорите за обезбедување безбедна пловидба и справувањето со хибридните закани.

Слични Објави