| |

Никогаш Северна, само… Јужна Србија?

Пишува: Зоранчо Маринков

Во контекст на полемиките околу користењето на уставното име на државата – Северна Македонија, да видиме дали можеби и редовите подолу спаѓаат под поимот “лично право на самоопределување и самоидентификација”, бидејќи авторот на тие редови до ден денес има улица наречена по негова чест во центарот на Битола.

“Го оставив поплавениот Белград, за да ги поминам убавите пролетни денови во оваа Јужна Србија, неточно наречена Македонија, толку непозната на западните народи, па дури и на народот во Србија.

…Штип повторно ќе го завземе своето место меѓу трговските градови на Јужна Србија. Бидејќи, не треба да се заборави дека Штип во средниот век, во времето на одличната српска историја, беше голем трговски центар”.

…Децата и христијанските и турските и еврејските, пејат српски војнички песни. На домот на Здружението против бугарските бандити се вее непобедливото знаме на Србија и граѓаните го поздравуваат”.

Горните редови се од дописката на швајцарецот на српска служба, докторот по хемија – Рудолф Арчибалд Рајс. Дописката е пишувана за белградскиот весник “Политика” на 3-ти мај 1924 год. Рајс патува и пристигнува во Штип, за да присуствува на големиот собир на српската паравоена организација – Здружение против бугарските бандити, којашто се одржува токму на годишнината од смртта на Гоце Делчев (4-ти мај) 1924 год.

Рајс одржува говор на француски јазик на собирот на Здружението против бугарските бандити во Штип, држејќи го знамето на здружението во неговите раце, а говорот го завршил со зборовите: “Живела Србија!”

Инаку, Арчибалд Рајс уште во ноември 1916 год. пишува дека Битола е српски град и прва грутка на ослободена Србија.

“Битола падна во рацете на Сојузниците на 6 (19) ноември 1916 год. Тоа е првиот српски град ослободен од јаремот на освојувачите. Сретнував српски офицери на коњи, кои не можеа да одолеат на желбата да застанат на калдрмата на стариот српски град, како се враќаат во своите логори.

Со своите сиви униформи со опрема во истата боја, тие силно ќе помагаат во одбраната на српската Битола…”

Да видиме уште неколку примери, каде д-р Рајс најверојатно изразува “лично право на самоопределување и самоидентификација”.

Говор на Арчибалд Рајс на 27.10.1924 во Скопје, на честувањето на 20-годишнината од српската вооружена четничка борба во Македонија.

“Борбата која ве чека е потешка од онаа која ја водевте од 1914 до 1918 год. Треба да се борите не со отворен непријател, туку со оние, кои предавнички ве напаѓаат. Но вие ќе ги разбиете и нив, како и тие претходно. И овој пат ќе ве водат војводите Вук и Бабунски, затоа што нивните тела исчезнаа, но нивниот дух живее во вас. Јужна Србија во која што почиваат коските на вашите другари, ќе се разбуди и ќе ви се заблагодари, затоа што и дадовте живот. Да живее Србија! Да живее Јужна Србија! Слава им на српските четници кои паднаа за неа.”

Говор на Арчибалд Рајс на 29.10.1924 во Велес, по повод откривањето на споменик на српскиот четнички војвода Јован Бабунски.

“Со возбуда го држам говорот пред овој камен, одреден да го овековечи споменот на Јован Бабунски. Овој камен на којшто можеа да се издлабат два прости збора: лојалност и патриотизам, ќе им покаже на младите кои треба да го довршат делото на Бабунски и неговите другари, чиишто коски се одмараат во светата земја на Јужна Србија, што направиле нивните предци и какви жртви дале за Татковината. Ти горд србски орелу, кога ќе крстариш над своето гнездо – прекрасната Јужна Србија, спушти го својот величествен лет и поздрави го гробот на еден од најдобрите синови на Татковината, поздрави го гробот на Јован Бабунски.”

Слични Објави