| |

Смртта на СДСМ… некои се радуваат прерано!

Пишува: Владимир Перев

Парламентарните и претседателски избори април-мај 2024 година во Македонија завршија со спектакуларна победа на ВМРО ДПМНЕ на Христијан Мицковски и со неочекувано голем пораз на СДСМ на Димитар Ковачевски. Победата беше речи си без дамка, а поразот јасен и неспорен. Згора на сето ова, сега се очекува ДПМНЕ да постигне коалициска поткрепа од своите партнери во идната влада, на начин кој ќе овозможи двотретинска бројка на победничката коалиција, во рамките на македонскиот парламент.

Радоста во победничкиот блок е видлива, оправдана и очекувана, а повеќето од медиите и порталите ја слават победата и се насладуваат на падот на Социјалдемократскиот сојуз. Ништо ново, тоа е видена слика по сите избори кај нас. “Победија нашите“, ќе ти каже некој полтрон и без’рбетник, за кого со сигурност знаеш дека никогаш не бил со “нашите“…секогаш бил со оние кои победиле во дадениот миг. Истовремено ќе чуете и мнение дека противникот-СДСМ веќе се “умрени“, дека се неспособни, немаат нов кадар, потонати во старите мантри и безидејни за она што ги чека во иднина. Повеќето од тие нешта се точни, но предвидувањата за “смртта на СДСМ се длабоко неточни, неисториски, не-дијалектички и во најмала рака, злобни. Вистината е сосема по друга.

СДСМ е партија со ИСТОРИСКИ и РЕВОЛУЦИОНЕРНИ корени, за разлика од ДПМНЕ кој е историски ОРГАНИЗАЦИЈА, пред само триесетина години формирана како партија, која сеуште не ги преболела детските партиски болести. СДСМ се борела дваесет и пет години (1920-1944 г.), за по 1944 година да ВЛАДЕЕ заедно со други сестрински комунистички партии врз 20 милиони луѓе во период од 1944 до 1990 година. Потоа, повторно владееле, со друго променето име. ВМРО се борела од 1893 година како организација, за едвам некаде во 1998 година да владее (со прекиди) околу петнаесетина години со ограничена територија и врз само оклу еден и пол милион народ.

Повеќе од сто години КПЈ/СКЈ, за потоа КПМ/СКМ преживува партиски и фракционерски борби, коминтерновски мешетарења, убиства на членови на своите партиски раководства, дисидентства и менувања на партискиот курс, промени во политиката, идеологијата и составот на членството и раководствата, за конечно дури во 1953 година да премине од чисто сталинистичка, брутална и насилна партија, во партија која може да говори за некаква демократија пред европските институции. Сепак, за сите овие сто години таа беше последователна-го задржа својот иманентен сталинистички дух, зачинет со титовистичката политика на превртливост, продавање илузии и контролирана демократија.

Со ДПМНЕ ситуацијата е поинаква. Тоа е партија настаната како емоција на минатото, на една славна организација БМОРОК/ВМОРО/ВМРО, која престанува да постои 1934 година. Последниот лидер на таа Организација, неприкосновениот Иван Михајлов живее во егзил до последните свои дни во 1990 година, никогаш не отстапувајќи од својата демократска, западна идеологија, опстојувајќи на научите факти за бугарската етничка припадност на македонците, како и на идејата за единство (не треба да се разбере како државно единство) на бугарското племе од Црно Море до Охрид…ДПМНЕ никогаш не успеа да се прилагоди на таа национална идеја, но, не успеа ниту пред светот да ја наметне својата визија за “вековниот, милениумскиот идентитет“ на македонскиот народ. Затоа, таа партија со историско и револуционерно име, немаше ниту еден меѓународен успех. Македонија остана зацементирана на својот пат кон Европа.

Виталноста на СДСМ, нивното коминтерновство/интернационализам и беневолентност по прашањата на нацијата, јазикот и припадноста, доведоа до Преспанскиот договор. Така се отвори патот кон НАТО како единствениот гарант за нашата сигурност и се тргна кон “освојувањето“ на Европа. Меѓутоа, распоредот на силите во македонскиот Парламент, ја блокираа намерата.

Денес ДПМНЕ уште не стапнала на власт како што треба, престана да го употребува уставното име на земјата, за потоа да престане да го употребува и името Македонија, за чија светост се бореа и КПМ/СКМ и ВМОРО/ВМРО/ДПМНЕ во минатото.

Дали откажувањето од името носи со себе некои пораки? Дали некој сака да ни каже дека ние, не само што не сме “северномакедонци“, туку дека не сме ни македонци, или поточно, наместо “северно“ сака да промовира нешто старо, југословенско, па од нас да направи југословенски, односно “југо-македонци“, како пандан на грчката принуда “северна“?

Сето тоа мириса на манџа зготвена со “пријателските“ Белград и Москва. Од Белград Вучиќ одлично ја игра играта на “вечното македонско-српско братство“, но Путин, преку најновите настани, навистина е маестрален. На 24 мај, во Москва Светите браќа Кирил и Методиј беа славени како бугарски и сесловенски просветители. Слична, дури далеку по бугарска беше и анотацијата на сајтот на руската амбасада во Софија. Затоа пак во Скопје, руската амбасада ги чествуваше како македонски просветители. Но тоа не е сѐ!

Пред неколку години, рускиот претседател Путин, во изјава за словенската писменост и Светите браќа, изјави дека таа “дошла од македонската земја“! Овде кај нас, Путиновата изјава беше дека тој мисли на “нас“, ама подоцна се разбра дека ја потфрла топката кон грчката страна…таа македонска земја, де факто (тогаш и сега) е грчка земја, а амбициите на рускиот самодржец и тиранин се протегаат на добри односи со оние кои излегуваат на топлите мориња и на Средоземјето. Тој знае, во Грција комунистичката коминтерновска идеја не е умрена!

ВМРО ДПМНЕ громогласно најавува непридржување кон уставното име на државата и ревизија на договорите со Грција и Бугарија. Не се знае на чија поддршка се надева, ама се знае дека Москва и Белград нема да го подржат. Нивните односи со Грција се вековни, пријателски и унисони во политиката, без оглед на различните места во овој биполарен свет во заминување…да, биполарноста заминува, но пријателствата, поточно интересите остануваат. Македонија е тука малиот играч, злоупотребуван заради своето антибугарство и антиалбанство, насаденото србоманство и сега, пројавеното антиевропство. Сето ова е зачинето со ужасен недостаток на демократија, нешто што во Европа не може да биде прифатено ниту сега, во услови на војна.

Веќе е јасно дека Договорот си Бугарија (заедно со Протоколите) ќе опстои и ќе се реализира. Бугарските екскомунисти, или наследниците на БКП цврсто стојат на условите од договорот. На тие позиции е и болшевизираната бугарска православна црква. Руската амбасадорка во Софија Митрофанова (офицер на КГБ) често може да се види со лидерката на БСП Корнелија Нинова во пријателски разговор. Информациите говорат дека имаат идентични мислења за решавање на “Македонското прашање“…не говорат за комитерновските решенија за Македонија од 1934 година. Таа тема е решена. Митрофанова е заточеник на бугарските комунисти и русофили, од нивното мнение зависи нејзината кариера и иднина. Во таа иднина, нема никаква визија за македонскиот идентите освен бугарската визија!

Не е тајна дека во ДПМНЕ има поголем дел од комунистичките структури во минатото, или нивни наследници. Тие останале отфрлени од СДСМ, бидејќи не се прилагодиле на новото време. Како такви, со определено партиско искуство, станале функционери во ВМРО ДПМНЕ, носејќи ја со себе целата националистичка ретроградност на комунистите од титовото време.

За тоа како ќе се одвиваат настаните во иднина, постои јасно зацртана временска рамка. Прво ќе се чекаат резултатите за избори за Европскиот парламент (воедно и бугарскиот), за потоа да се чека резултатот од изборите во САД во октомври. За нас овде, во Македонија, воопшто не е важно кој ќе победи. Важно е да заврши процесот. Тогаш почнува нашиот “од по маките“, тогаш почнуваат де се затвораат отворените прашање. Времето кое доаѓа, нема да ѝ даде на македонската политичка врхушка, прашањето да го влече во недоглед. Сега односите се изострени, војна се води на границите на Европа, а Македонија ќе биде принудена на решенија за кои и не помислувала. Гледаме, како уште од сега се смекнува реториката на Вучиќ и како Орбан, лека полека омекнува и почнува да ја става европската маска. Ако Русија “победи“ во војната со Украина и Европа, тогаш бесот на европските структури ќе се сврти кон Балканот…ние ќе ја платиме цената на поразот. Македонија најмногу ќе настрада, малите и сиромашните, секогаш плаќаат најмногу. Путин нема да ни помогне, ние тогаш не му требаме.

СДСМ ќе опстои на политичката сцена. Таа партија е нужна за европските токови на државата, таа е дел од европските идеали. За малку време, од бледа опозициона структура, ќе стане фактор на македонската политика.

Тоа е партија која на својата совест го носи уништувањето на демократијата во Македонија по Втората светска војна, ги има на душа логорите како Голи Оток, Добој, Преспа и ред други. Челниците на таа партија, заедно со ударната тупаница ОЗН-а, УДБ-а и другите полициски структури, ја убија целата македонска интелигенција со бугарска етничка самосвест, оние кои преживеаја ги испратија по затворите ширум Југославија, го ликвидираа и сопственото државотворно тело АСНОМ на чело со Ченто и ја убија бугарската национална идеја, просвета и образование, кога беа во полн расцут. Физички и психички ја уништија идејата на Ванчо Михајлов за слободна, независна и демократска Македонија. КПЈ/КПМ/СКМ беа злосторници, националисти и убијци, беа психогеноцидна структура која сакаше да ги ликвидира физички и интелектуално македонските бугари и албанци. Сега, дојде време да се плати сметката.

Бескомпромисниот национализам, србоманство и русофилството, антибугарството и антиалбанството во редовите на ДПМНЕ, остануваат пречка во развојот на Македонија и нејзиното членство во ЕУ. Во времето кое доаѓа, ревитализираната СДСМ, испробана во партиски борби и внатрепартиски препукувања, ќе влезе на политичката сцена. По иронија на судбината, таа партија чии претходници ја уништија бугарската кауза во Македонија, ќе биде промоторот на обновената бугарска идеја овде. Таквата Македонија ќе биде вистинска демократска држава, олицетворение, реализација на михајловизмот како идеја и суштина.

Тогаш, гревовите ќе им бидат простени.

Слични Објави