Црвениот тепих- на „Дондуков“ бр. 1 или на „Илинденска“ бр. 2

///

Пишува: Атанас Величков

Идниот македонски премиер Димитар Ковачевски, кој денеска во 13 часот треба да го добие мандатот за состав на нова влада од страна на претседателот Стево Пендаровски, вчера во два наврати изјави дека ќе го покани неговиот бугарски колега Кирил Петков да ја посети РС Македонија, откако ќе ја превземе премиерската функција. Првиот пат Ковачевски тоа го изјави за време на средбата со амбасадорката на САД во Скопје Кејт Мери Брнз и го повтори во своето гостување во „Тема на денот“ на тв Сител.

Иницијативата на идниот премиер да го покани бугарскиот премиер е за поздравување, но сепак има одредени „ситници“, кои треба да бидат напоменати.

Прво, треба да стане јасно на кое место по приоритет е евроинтеграцијата на РС Македонија во листата со проблеми за решавање, која стои пред новиот бугарски премиер, кој сè уште не поминал ни 100 дена на власт. Ако евроинтеграцијата на Скопје е во топ 3 приоритети на Петков, тогаш тој треба да веднаш откако Ковачевски „се всели“ на Илинденска бр 2 да пристигне во Скопје. Реалноста, се разбира е сосема поинаква. Според најелементарната логика, премиерот на којшто би требало да му се брза и да го започне процесот за градење доверба и затворање на отворените прашања е токму тој што ќе има работен кабинет во барокната зграда на „Илинденска“.

За волја на вистината првично бугарскиот премиер изјави дека ќе ја посети РС Македонија, но тоа, пред се би требало да се толкува и како гест на подадена рака. Рака што Бугарија многу пати ја подавала кон Скопје, а за возврат добивала лицемерни пораки за братство и разбирачка и не на последно место, лобирање против самата Бугарија инспирирано од „проевропски“ македонски политичари од ковот на еден Никола Димитров, да речеме. Доволно е само да се потсетиме на последните изјави на професорот од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ Едвард Џозеф, кој си дозволи со еден навредлив речник да ја протнува тезата дека Бугарија работела за српско-руските интереси на Балканот и се разбира дека „таа требало да биде извадена од изолацијата“ без тоа да било навредливо за неа и за Бугарите. Тоа дали Бугарија е во изолација или не, е проблем на бугарскиот државен врв, а професорот Џозеф нема потреба да биде душегрижник на Софија. Софија, таа била метропола и пред тој да се појави како експерт кој дава мислења во спорот, а ќе биде метропола и откако истиот ќе се зафати со некоја друга тема.

Во случајот со поканата од страна на Ковачевски нема строг дипломатски протокол, за тоа кој треба прв да биде поканет и прв да дојде кај другиот. Значи протоколот не може да биде прекршен ако Петков биде пречекан со државни почести пред седиштето на македонската Влада, но тоа не го менува фактот дека новиот премиер на РС Македонија е тој, што треба да инсистира на средба со својот колега во Софија. Нашата земја е таа што треба да исполнува критериуми за влез во ЕУ, а не Бугарија. Бугарија за тие кои заборавиле на 1 јануари ќе одбележи 15 години од својот влез во Унијата.

Сосема поинаков е случајот со РС Македонија која од 2005 се обидува да ги започне преговорите со ЕУ. Работите овде се повеќе од кристално јасни.



Второ, Бугарија јасно ги зацрта своите барања кон РС Македонија и тие треба да бидат прифатени и испорачани од страна на Скопје. Не пред влезот или по влезот на земјата во ЕУ, туку пред почетокот на преговорите за самиот влез. Да не забораваме дека позицијата на Софија останува иста, макар и надградена. Новиот македонски премиер треба да подготви акциски план, за тоа како планира да ги спроведе бугарските барања. Овде не се работи за рокови, туку за резултати како што кажа бугарскиот претседател Румен Радев. Доколку постои таков план и Ковачевски сака да го сподели со својот колега, тогаш навистина нема значење кој од кого ќе биде пречекан. Но за жал нема никакви најави од македонска страна дека воопшто нешто такво се подготвува.

Ако идната средба меѓу двајцата премиери помине во духот на претходните средби меѓу Борисов и Заев, не можеме да очекуваме било каков напредок во односите меѓу Софија и Скопје. Потребни се конкретни чекори за враќање на довербата меѓу двете земји, а за да се врати довербата, не е доволно само историјата да биде оставена настрана.

Потребно е од бугарска страна јасно да биде истакнато дека Софија одамна не верува на декларативни изјави за братство и светла иднина. Треба да биде запрен процесот на институционализиран говор на омраза. Не може да има доверба кога едната страна тврди и лобира дека другата страна не и го признава идентитетот и јазикот. Идентитетот изграден во РС Македонија е реалност и Бугарија веќе стотици пати тоа го има истакнато, а во однос на јазикот веќе има општоприфатена формула, именно онаа за јазикот според Уставот на РС Македонија.

Што ќе се случува со барањето Бугарите во РС Македонија да добијат рамноправност со останатите спомнати делови од народи во Уставот на земјата е прашање на кое Скопје треба да одговори. Дали ќе се направи нешто во врска со заедничките инфраструктурни проекти е исто така прашање, што има потреба од одговори. Дали во РС Македонија ќе продолжи трендот на менување на историјата и поигрувањето со споменот и менувањето на имињата на загинатите за ослободувањето на Македонија, каков што беше случајот со надгробниот споменик во прилепското село Клепач? Дали двете страни на историската комисија ќе соберат сили да ги направат своите средби отворени за јавноста? Дали повторно ќе бидеме сведоци на политичка пропаганда, која ќе ни кажува дека Скопје не бира кмет туку градоначалник? Дали македонските ученици ќе продолжат да учат дека Бугарите се татари и фашистички окупатори? Дали репресираните од претходниот режим и репресираните од 1991 г, наваму Бугари ќе ја добијат својата оштета, па макар била таа и едно извинување од страна на македонската власт?

Постојат многу отворени прашања, на кои бугарскиот премиер треба да побара одговор. Дали ќе биде пречекан овде со црвен тепих и почесна гарда, или пак како домаќин на неговиот македонски колега, отворените прашања не го губат своето значење.



Претходна статија

Бугарскиот амбасадор и градоначалникот на Штип заедно делеа новогодишни пакетчиња

Следна статија

(Видео)Режисер од Бугарија со документарен филм ги разоткрива лагите прикажани во филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски

Најново од Истакнато

Ќорсокак

Пишува: Владимир Перев На 24 јуни 2022 година стана пресврт, револуција во менталната матрица на бугарите