ОСНОВАЊЕ НОВА НАЦИОНАЛНА УСТАНОВА „ГОСТИВАРСКИ ТЕАТАР“

Владата на Република Македонија на седница одржана на 30 октомври донесе одлука за основање нова национална установа „Гостиварски театар“ во Гостивар. Одлуката е донесена имајќи го предвид мислењето на Министерството за финансии, како и оправданоста за основање нова национална установа.

Основањето на нова театарска установа во Гостивар беше една од заложбите на министерот за култура Асаф Адеми при стапувањето на функцијата, а во август оствари и средба со иницијаторската група, односно Комисијата за основање на театарот во Гостивар, во состав: Сулејман Рушити, Берат Салиу и Арѓент Хасани, на која министерот за култура изрази добра волја и силна поддршка за реализација на оваа иницијатива.

Со основањето на оваа институција во Гостивар, ќе се задоволи повеќедецениската потреба за професионално остварување на театарската уметност и презентација на богатото театарско творештво во овој град. Истовремено, ќе биде овозможен и рамномерен културен развој на ова подрачје, а ќе се отвори и можност за вработување на едуцирани и професионални кадри од областа на драмската уметност, како и збогатување на културната понуда во Гостивар.

Досега драмските активности се реализираа преку посебно драмско студио во рамките на Центарот за култура Гостивар, но и преку ммногу други независни драмски проекти како од страна на организации од Гостивар така и со гостувања од други градови од Република Македонија, па и од странство. И покрај евидентните напори на Центарот за култура да ги задоволи потребите од разновидни културни активности на многубројното население, сепак драмската дејност, како една од најстарите и најважни форми на културата, е најзапоставена.

Седиштето на театарот ќе биде во Центарот за култура, односно сценскиот простор ќе биде заеднички, додека во самиот објект постојат услови за административно постоење на двете институции (посебни канцеларии, гримиорни, гардероби и слично). Средствата за основање на установата, по основа на нови вработувања и други трошоци, ќе се обезбедат од Буџетот на Република Македонија за 2018 и за 2019 година во вкупен износ од 10.225.000,00 денари. Средствата за програмски активности на установата ќе се обезбедат од Буџетот на РМ во постапка пропишана со Законот за културата.