| |

Поранешните министри за одбрана на Бугарија и Романија Ноев и Пашку бараат поморска мисија на ЕУ во Црното Море

Поранешните министри за одбрана на Бугарија и Романија, Бојко Ноев и Јоан Мирча Пашку, го повикаа Европскиот Унион да воспостави военопоморска мисија за заштита на безбедноста и слободата на пловидбата во Црното Море, јавува Медиапул. Во заедничкиот став предлагаат мисијата да го носи името EUNAVFOR Black Sea и да биде дел од Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ.

„Како последица на руската агресивна војна од полн обем против Украина, Црното Море стана зона на воени дејства, а безбедносните закани се шират кон неговите западни брегови и кон територијата на Европската Унија“, се наведува во заедничкиот став. Според Ноев и Пашку, во последните месеци во напади со дронови во територијалните води и во исклучивите економски зони на Бугарија и Романија потонале најмалку 17 бродови и загинале луѓе.

„Романската енергетска инфраструктура на море, која се очекува да стане важен извор на природен гас за Европа, станува сè поранлива. Нарушувањето на трговската пловидба во Црното Море, кое е клучна рута за меѓународниот извоз на жито, ја загрозува глобалната сигурност во снабдувањето со храна“, наведуваат двајцата поранешни министри.

Ноев и Пашку оценуваат дека Бугарија и Романија немаат доволно средства самостојно да се справат со закани од ваков обем. Затоа бараат поголема поддршка од сојузниците и консултации во НАТО, вклучително и врз основа на член 4 од Северноатлантскиот договор.

Според предлогот, мисијата главно би се потпирала на воените морнарици на Бугарија и Романија, а другите членки на ЕУ би можеле да обезбедат воздушно набљудување, разузнавачка поддршка и дополнителни средства за одбрана. Ноев и Пашку посочуваат дека операцијата треба да биде во согласност со Конвенцијата од Монтре и да се координира со НАТО и со постојните активности на Бугарија, Романија и Турција за отстранување мини во Црното Море.

Како пример ја наведуваат европската поморска операција „Аспидес“ во Црвеното Море, воспоставена за заштита на меѓународната пловидба од напади. Според нив, формирањето на Црноморскиот центар за поморска безбедност со поддршка од ЕУ е чекор во вистинската насока, но непосредните закани од дронови бараат дополнителни мерки. Тие ги повикуваат европските институции да дејствуваат без одлагање и да преземат поголема одговорност за безбедноста во Црното Море.

Слични Објави