Никулеску за „Л’Експрес“: Бугарија и Романија подготвуваат заеднички систем за откривање морски дронови во Црното Море
Бугарија и Романија, со поддршка од Европската Унија, работат на заеднички систем за откривање морски дронови и заштита на критичната инфраструктура во Црното Море, изјави романскиот премиер Лука Никулеску во интервју за француското списание „Л’Експрес“, пренесе БГНЕС.
Според Никулеску, системот треба да овозможи и идентификување и следење на бродови поврзани со таканаречената руска флота во сенка, како и заштита на подводните кабли и на платформите на отворено море. Бугарија, Романија и Турција веќе формираа заедничка оперативна група за борба против морските мини за да обезбедат безбедна пловидба во близина на своите брегови.
„Денес овој поморски пат стана едно од главните жаришта на планетата“, рече Никулеску. Во интервјуто се наведува дека на 14 ноември три трговски брода биле нападнати со дронови во делтата на Дунав, а друг брод потонал во близина на романските територијални води. Премиерот ги поврза овие инциденти со руската војна против Украина.
Никулеску најави дека во следните години романските трошоци за одбрана треба да се зголемат од 2,5 на 3,5 отсто од БДП. Според него, со инвестициите во инфраструктура за цивилни и воени потреби, вкупните издвојувања ќе достигнат 5 отсто од БДП.
